Свет
10. May 2024 - 7:57

Путин повторно го предложи Михаил Мишустин за премиер

Рускиот претседател Владимир Путин повторно го предложи Михаил Мишустин за премиер во неговиот нов петти претседателски мандат, изјави денеска претседателот на Државната дума, Вјечеслав Володин, јави Хина.

Откако Путин во вторникот положи заклетва за новиот петти шестгодишен претседателски мандат, дотогашната влада, според одредбите на рускиот Устав, поднесе оставка.

И додека изминативе денови се шпекулираше дека може да има промени на некои важни ресори, а руските независни медиуми го споменуваа и можното заминување на Михаил Мишустин од премиерската позиција, Путин повторно го предложи за таа функција.

„Претседателот Владимир Владимирович Путин достави до Државната Дума предлог за кандидатурата на Михаил Владимирович Мишустин за премиерската функција.

Пратениците денеска ќе донесат одговорна одлука за ова прашање во име на своите гласачи“, изјави Володин на каналот за пораки Телеграм.

Путин првпат го номинираше Мишустин за премиер во јануари 2020 година, кога Владата предводена од Дмитриј Медведев поднесе оставка по најавените важни уставни промени во политичкиот систем на земјата од страна на претседателот.

Мишустин, кој ќе зборува во Думата пред гласањето, мора да одговори како ќе реши низа задачи што Путин и ги постави на владата, вклучително и „зголемување на одбранбената способност на нашата земја“, рече Володин, пшренесе Хина.