Македонија
18. February 2016 - 12:32

ПССЕ: Спроведување на договорот за фер и демократски избори

Целосното спроведување на договорот од Пржино е клучно за одржување фер, слободни и демократски избори. Апелираме политичките партии да не ја пропуштат можноста да постигнат компромис, односно да стасаат до точка на која ќе можат такви избори да се одржат, порачаа денеска известувачите на мониторинг комисијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) за Македонија, Лиза Кристоферсен и Валериj Гилечи.

Тие не сакаат да дадат оцека дали се создадени услови за предвремените избори да се одржат на 24 април. 

- Ние како членови на Советот на Европа не сме посредници ниту олеснувачи во процесот на договорот од Пржино, така што не е наше да оценуваме или да изразуваме наше мислење околу подготвеноста за изборите. Можеме само да го искажеме нашето уверување дека изборите треба да бидат праведни и соодветни, слободни, праведни и фер избори, истакна на денешната прес-конференција Гилечи.

Со ова се согласува и неговата колешка Кристоферсен која посочи дека ќе се сочека извештајот на Европската унија, која, како што рече, е медијатор во процесот на договорот од Пржино и проценката на ДИК кои се експерти во однос на Избирачкиот список.

- Ние ќе ги следиме нивните одлуки и извештаи. Уште еднаш би сакале да повикаме, да апелираме изборите да бидат слободни и фер за народот да може да го направи својот слободен избор за тоа кој ќе го претставува, истакна Кристоферсен.

Средбите и разговорите што тие ги имале со претставници на политички партии, на државни институции и членовите на ДИК покажале дека сите страни остануваат посветени на спроведувањето на овој договор.

- Сите страни се согласни дека предвремените избори се единствен излез од политичката криза. Од разговорите што ги имавме разбираме дека постојат различни гледишта околу состојбите и степенот на спроведување на договорот. Бројни извештаи се се уште во подготовка за да се оцени предизборното опкружување. До 24 февруари на крајот на овој оценски процес пратениците на кои мандатот им е даден од страна на граѓаните ќе ги извагаат сите аргументи и ќе донесат конечна одлука и чекори за свикување предвремени избори како што е претходно договорено, при што сите страни се надеваат и очекуваат изборите да бидат слободни и праведни, рече Кристоферсен.

Таа и нејзиниот колега сметаат дека договорот од Пржино содржи важни позитивни чекори за подобрување на изборната рамка и во продолжување на реформскиот процес. Овој договор, рече таа, пропишува изменет состав и проширени надлежности на ДИК, надоградба на Избирачкиот законик и преземање дејства за прочистување на Избирачкиот список што останува прашање од клучна важност.

- Оставката на премиерот во јануари и воспоставувањето техничка Влада во која две клучни министерства МВР и МТСП ги имаат членовите на опозицијата треба да го поплочи патот кон организирањето на предвремените избори, истакна Кристоферсен.

Додаде дека важен чекор е и создавањето на Специјалното јавно обвинителство и изрази очекување обвинителката да спроведе правични и темелни истраги ослободени од политичко и какво било друго влијание, а судството да го доврши овој процес до крај.

Гилечи посочи дека со оглед на тоа што организацијата на предвремените избори е нешто што е договорено од страна на сите политички сили, тие не треба да ја пропуштат можноста да постигнат компромис, односно да стасаат до, како што рече,  точка каде ќе можат да се организираат суштински и содржински избори во интерес на народот кој има право на слободни и фер избори под услов да има вистински избор на политички опции кои можат да бидат застапени во Парламентот.

- Од новоизбраниот Парламент очекуваме да обезбеди простор во кој ќе може да се одвиваат демократски дискусии и да се донесуваат одлуки за итно потребните долгорочни реформи, кои можат да го консолидираат функционирањето на демократските институции, да ја зајакнат независноста на регулаторните тела и да ја вратат довербата на граѓаните во институциите на државата, рече Гилечи.

Ги потсети сите политички партии дека се договориле и по изборите да се осврнат на системските проблеми кои ги разоткрила оваа политичка криза и да ги спроведат итните реформи кои се идентификувани од страна на ЕК, кои, како што подвлече, се надоврзуваат на долгорочните препораки кои ги има дадено ПССЕ, како што се независноста на судството, борбата против корупцијата или слободата на медиумите.