Македонија
30. March 2022 - 21:16

Први реакции од бугарските политичари за резултатите од пописот

Пописот не е актуелна тема само во Македонија, туку и во регионот. Особено бугарската јавност е затечена од резултатите, според кои во земјава има 3.504 Бугари, што е минорна бројка ако се земе предвид евиденцијата на бугарското Министерство за правда, според кое во последните 15-тина години се издадени повеќе од 100.000 бугарски пасоши на македонски државјани.

„Македонскиот попис преброја едвај 3.500 Бугари“, „Само 3.500 Бугари има во Северна Македонија“, „Сè помалку Македонци во сè помултиетничката Северна Македонија“. Ова се дел од насловите во бугарските медиуми.

Разочарувачки се резултатите и за бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, кој коментирајќи го пописот во Македонија побара да бидат обелоденети идентитетите на сите кои имаат бугарско државјанство.

„Добивањето бугарско државјанство по потекло не може да биде таен чин. Сите оние кои добиле бугарско државјанство по потекло мора да бидат објавени. Вака се објавуваат во САД, Канада, Германија или Франција. Да си доброволно бугарски државјанин откако ќе докажеш бугарско потекло и ќе потпишеш декларација дека се чувствуваш Бугарин не е тајна или срамна работа“, коментира Ковачев, кој го повика Собранието да го промени Законот за бугарско државјанство.

Жестоки реакции има и од поранешната бугарска министерка за надворешни работи и пратеничка на ГЕРБ, Екатерина Захариева. Таа обвинува дека податоците се фалсификувани,

„За жал, уште еднаш сме сведоци на старата државна политика за дискриминација на Македонците со бугарска самосвет и обид за нивно маргинализирање. Најчудно е што не се бројат Бугарите кои се надвор од државата, за разлика од другите етнички групи“, вели Захариева.

Негодување има и од Слави Трифунов, лидер на политичка партија од бугарското владејачко мнозинство, за кого е неверно дека во Северна Македонија, како што вели, речиси нема Бугари, покрај над 100.000 издадени бугарски пасоши.

„Зошто во нормална европска држава, за каква се декларира и Северна Македонија, некој би се плашел да каже што е? Затоа што ова не е нормална, европска држава. Зборувам логички, ако Северна Македонија сака да биде нормална европска земја и да биде дел од Европската Унија, нејзините државјани мора да можат слободно да се самоопределуваат и да не им се прекршуваат правата. Според тоа, сметам дека сè додека не се случи тоа, Северна Македонија ќе биде дел единствено од Западен Балкан“, напиша Трифунов на својот Фејсбук профил.

Сепак, Бугарите во Македонија се еден од етникумите со најголем раст во периодот меѓу двата пописи. Од 1.487 евидентирани во 2002-та година, сега се 3.504 Бугари, што претставува раст од речиси два и пол пати.