Македонија
21. јуни 2025 - 16:47

Првата група повредени се смести во центарот за рехабилитација на Пониква

Полициското одморалиште на Пониква ги прими првите повредени од трагедијата во импровизираната дискотека „Пулс“ во Кочани. 46 пациенти денеска се сместија во објектот каде во наредните две недели ќе бидат на рехабилитација со медицински персонал кој ќе се грижи за нив. 

Повередените ќе претстојуваат по систем на ротација. Секога група ќе биде сместена по две недели. Предност добија повредените кои веќе активно одат на физикална терапија.

Доктор, медицинска сестра и физиотерапевти ќе се грижат за закрепнување на физичките повреди.

-Замислено е да се одвива физикална терапија. Да се стави акцент на групните вежби, на групните активности, зашто не е само од засегнатите делови на телото, туку треба комплет вежби за цело тело. Така што, замислени се повеќе активности и групни спортови, зумба, аеробик и други активности во однос на физикалната терапија, значи, стандардните масажи, вежби…, вели директорката на кочанската болница др…

Веќе во втората недела планирана е и работа со психолози.

-Вклучување на психолози и психолошка поддршка. Замислени се групни терапии, направен е распоредот за групните терапии. Исто, психолозите ќе бидат достапни за индивидуална терапија за кој кога сака да обави индивидувална терапија и во договор со психолозите тоа да биде еден ист психолог којшто ќе биде во тек на целиот престој за да може да стекнат доверба повредените за да можат да соработуваат, вели др.

Групните спортови треба да им помогнат повредените да ја вратат моториката на екстремитетите.

„Зад камерите дел од повредените велат дека се задоволни од условите за рехабилитација кои ги има во одморалиштето на МВР. Меѓутоа, никој од нив не сака да говори јавно. Дополнително, надлежните не дозволуваат ниту да влеземе внатре за да се увериме дека повредените имаат сѐ што им е потребно.“

МВР го отстапи одморалиштето на Министерството за здравство и Фондот. Во текот на летото ќе се користи исклучиво за рехабилитација повредените. Во наредниот период се очекува сите да добијат покана.

-Ќе бидат контактирани сите кои се наоѓаат на листата на повредени коишто претходно ја има формирано Министерството за здравство со Фондот за здравство. Значи, ќе бидат контактирани сите, ќе имаат шанса да присуствуваа сите, вели директорката.

Изборот за Пониква да стане центар за рехабилитација паднал поради близината до градот. Од Кочани до тука се стигнува за околу половина час, па и родителите пријателите ќе можат лесно да ги посетуваат повредените.

-Но… што на есен? Надлежните сѐ уште немаат план за рехабилитацијата на повредните за неколку месеци од сега. Сѐ уште се бара начин како да добијат непречена физикална терапија, со оглед на тоа што Одделението во кочанската болница во моментот се реновира, а очекувањата се дека рехабилитацијата за дел од пациентите може да трае и до две години.