Македонија
23. September 2024 - 16:42

Прва средба Муцунски и Герапретритис – Силјановска Давкова од Самитот на ООН бара реформи во организацијата

Шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски во Њујорк за првпат ќе седне на маса со грчкиот колега Јоргос Герапетритис, на маргините на Генералното собрание на ОН. Без многу детали од МНР велат дека ќе се разговара за најактуелни регионални и меѓународни теми, како и за понатамошно продлабочување на билатералните односи . Ова ќе биде прва средба меѓу министрите, по грчките реакции и пораки до македонското раководство за почитување на Преспанскиот догоивор, во однос на именувањето на државата.

Македонската делегација на 79. Генерално собрание на ОН во Њујорк, ја предводи претседателката Силјановска Давкова која во обраќањето на Самитот на иднината, истакна дека се неопходни длабоки реформи во ОН со цел надминување на глобалните предизвици.

Како претставничка на мала држава, верувам дека во овој орган треба да се зголеми учеството на помалите држави за да се заштитат од реалната опасност од поголемите. Се разбира, Повелбата на ООН останува темелен акт, устав на нациите, но и општествен меѓунационален договор. Исто така, треба да се стави крај на непочитувањето, заобиколувањето и селективната примена на Повелбата, како во македонскиот случај. Како прва жена претседателка, жестоко се залагам за повеќе жени на највисоки функции и посветена сум на реализација на овие мои заложби, порача Силјановска.

Шефот на македонската дипломатија во говорот на Самитот на иднината на Интерактивниот дијалог и порача дека ниту една земја не може сама да се справува со безбедносните предизвици.

Во денешно време се соочуваме со многу закани, вклучувајќи нови конфликти, тероризам, насилен екстремизам, ризици од нови технологии, кршење на човековите права и климатски промени. Ниту една земја сама не може да се справи со овие предизвици, затоа е неопходен ефикасен мултилатерализам за обезбедување на меѓународниот мир и безбедност.

Иако од МНР велат дека на агендата на Муцунски се голем број на средби, нема информација дали ќе се сретне со бугарскиот колега Иван Кондов откако ваква средба пред 10тина дена беше одбиена во Софија, но и по бројните рекации во македонија и во Бугарија поради неистакнувањето на македонското знаме на средбата Радев Силјановска.

Делегатите на 79-то собрание на ОН го одобрија  „Пактот за иднината“, кој опфаќа теми како што се мирот и безбедноста, одржливиот развој, дигиталната соработка, човековите права и родот. Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш ги повика земјите-членки да го спроведат договорот, со ставање крај на војните.