Македонија
20. March 2017 - 11:44

Прва регионална Зимска школа за безбедност

Факултетот за безбедност-Скопје и Центарот за истражување и креирање политики во наредните четири дена во Скопје и Крушево организираат Регионална зимска школа - прва во Република Македонија од областа на безбедноста.

Покрај професори и студенти од Македонија, на Школата ќе има учесници и од државните универзитети од Хрватска и Србија, а нејзиното организирање е со поддршка на Фондацијата „Конрад Аденауер“ и Центарот за европски студии „Вилфред Мартенс“.

Школата ќе почне денеска од 14.30 часот со официјален прием на учесниците на Зимската школа за безбедност 2017 во Министерството за надворешни работи од страна на министерот Никола Попоски.

Теми на Школата ќе бидат идните безбедносни предизвици, дипломатијата и добрососедските односи, верскиот радикализам, како и мигрантите и бегалската криза, со оглед на тоа што до крајот на 2016 година речиси еден милион луѓе пропатуваа по должината на Западен Балкан од Грција до Централна Европа како резултат на најголемите миграциски текови во овој век.

Како што наведува Факултетот за безбедност-Скопје кризата со мигрантите открила недостаток на координација и комуникација меѓу соседните земји, бавни понекогаш и неефикасни политики, како и одговор од страна на Европската унија.

- Ова доведе до потреба од Зимската школа за безбедност преку која ќе се подобри соработката, чекор до консултации меѓу земјите по должината на трасата и изградба на прагматична политика и оперативни мерки во Европа и Западен Балкан како понатаму да се справи со бегалците и мигрантската криза, информира Факултетот. 

Се очекува Зимската школа за безбедност да понуди предлози за размена, соработка и зајакнување на довербата меѓу наставниците, учениците и практичарите од земјите од регионот опфатени со миграциската криза: Македонија, Србија, Хрватска, Грција и Бугарија.

Воедно ќе се испитаат тесните грла за соработка, координација и спроведување на безбедносна политика и стратешките насоки за миграцијата, како и безбедносната политика на Европската унија и политиката за мигранти.

- Зимската школа за безбедност и идната Летна школа за безбедност имаат образовни цели, со јасно дефинирани образовни резултати за студентите. Во исто време ќе бидат организирани работилници и панел дискусии со кои ќе се овозможи идентификација на проблемите во соработката, координација и спроведување на националната политика за миграција и безбедност, како и миграционата политика и безбедност на Европската унија, посочува организаторот на Школата.