Бизнис
21. јуни 2016 - 20:30

Прв пат по четири децении се модернизира влеча на возови

Започна третата фаза од модернизацијата на Македонски Железници Транспорт. По набавката на 150 нови товарни вагони и шест нови патнички гарнитури, од денес за првпат се реновира железничкото депо на претпријатијето изградено пред 43 години.

За реконструкција на халата и работилницата за шински возила и дизел локомотиви во скопско Лисиче обезбедени се два милиони евра. Проектот ќе се реализира во рок од една година.

– Првпат по 43 години вршиме модернизација на халите и создавање на нормални услови за сервисирање на возовите. И покрај ситуацијата во која се наоѓа „Македонски железници“, имајќи ја предвид мигрантската криза и штрајковите на Солунското пристаниште, сепак изнаоѓаме начини и средства преку проектите на Владата да вршиме реконструкција на овие хали, рече Никола Костов, директорот на „Македонски железници – Транпорт“.

Костов очекува денес да заврши штрајкот во солунското пристаниште и да се нормализира транспортот на стока кон Македонија чија блокада прави проблем за стопанството, но и штета од 5 милиони евра за државната компанија.

– Директните штети на Македонски железници изнесуваат околу три милиони евра или околу пет милиони евра индиректни штети. Очекуваме дека изгубените превози во догледно време и со тековно работење, ќе ги надминеме, рече Костов, додавајќи дека засега нема проблем во исплатата на платите за вработените.

Денес, на министерски состанок за транспорните европски коридори во Ротердам, министерот Мисајловски потенцирал дека Македонија е во инвестициски циклус во патната и железничката инфраструктура и побарал финансиска поддршка од Европската комисија за железничкото поврзување од Бугарија кон Албанија како дел од Коридорот 8.