Прв говор на папата Лав Четрнаести: Бог нè сака сите, безусловно
Новиот поглавар на Католичката црква, папата Лав XIV, вечерва се појави на главниот балкон на базиликата „Свети Петар“ и пред десетици илјади собрани верници го одржа својот прв говор по изборот.
„Мир со сите вас“, беа првите зборови на 69-годишниот папа, роден во Чикаго, кој зборуваше на италијански јазик. „Браќа и сестри, ова е првиот поздрав на воскреснатиот Христос. Сакам да упатам поздрав на мирот што стигнува до вашите семејства, до сите вас, каде и да сте. Нека мирот биде со вас“, рече тој, предизвикувајќи бурен аплауз и радосни извици од толпата.
Папата Лав XIV ја продолжи својата порака со повик за љубов и заедништво, нагласувајќи: „Бог нè сака сите, безусловно“. Тој му оддаде почит на својот претходник, папата Франциск, и изрази желба да го следи неговиот пример, давајќи благослов на верниците на плоштадот „Свети Петар“.
– На човештвото му е потребен Христос како мост до Бога и неговата љубов. Помогнете ни, и да си помагаме едни на други, да градиме мостови, порача новиот папа.
Тој им се заблагодари на кардиналите што го избрале на дводневната конклава и упати посебен поздрав до Црквата во Рим.
На шпански јазик, Лав XIV се обрати и на својата поранешна бискупија во Перу, каде што, како што рече, „верниот народ ја споделуваше својата вера и даде многу“.
На крајот од говорот, папата ги повика верниците заедно да ѝ се помолат на Дева Марија, по што плоштадот повторно се исполни со воодушевување. Тој прочита извадок од светите текстови на латински јазик во чест на светците и Богородица, а потоа уште еднаш ги благослови собраните. Додека оркестарот на карабинерите свиреше во позадина, папата Лав XIV мавна на мноштвото што го исполни плоштадот, каде што продолжи прославата.
Ново на Сител
-
ВМРО-ДПМНЕ со партиски кандидат ќе настапи на локалните избори за Град Скопје
-
Ахмети: Без хармонија меѓу заедниците, државата нема иднина
-
Патоказ за малцински прашања како можем компромис за спорот со Бугарија
-
Тошковски: Полицијата прибира докази за пожарот во „Пулс“
-
Нов марш на ангелите, родителите го повикаа Мицкоски во Кочани
-
Еколошка акција за чистење на дното на Охридско Езеро
-
Активисти за студентски права од Западен Балкан на форум во Скопје
-
„Кликни безбедно“ прв хакатон за креирање иновативни решенија од средношколци