Македонија
15. March 2023 - 19:46
Протест во Кочани поради загаденоста на воздухот
Жителите на кочанското село Бели, утринава излегоа на протест за да го искажат револтот, поради загадувањето на воздухот и неподносливата реа што се шири од запалената градска депонија. Селото е на оддалеченост од само 1 километар и тие буквално со денови се гушат од густиот токсичен чад.
- Се работи за здравјето на луѓето. Ние не можеме да отвориме ниту прозори дома. Да не зборуваме за болните луѓе. Што се однесува пак до животната средина, ние во село Бели сме постојано под чад- изјави Димче Цебов, претседател на МЗ-с.Бели, кочанско.
Бараат од јавното комунално претпријатие да го реши проблемот и депонијата да биде правилно третирана.
- Да си набават соодветна механизација за решавање на прoблемот или крајно барање е да се дислоцира депонијата- додаде Цебов
Од „Водовод“ –Кочани информираат дека, пред неколку денови во гаснење на запалената депонија интервенирала и противпожарната единица, а третманот со раствор од морски алги повеќе не дава резултати, зашто депонијата постојано намерно се пали. Доколку проблемот не биде решен во најбрз можен рок, мештаните најавија дека ќе го блокираат влезот на депонија.
-
Траjан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
-->
-->