Протест во Битола - убиството на зетот било самоодбрана
Откако ОЈО вчера нареди притвор за 62-годишниот Тони Ѓорѓиевски под сомнение за убиство со умисла на својот зет за ќерка, денеска, на иницијатива на неговиот син Јове се одржа мирен протест пред Основниот суд во Битола.
Неговото семејство бара да се брани од слобода затоа што велат дека тој тоа го направил за одбрана на семејството.
-Сакам да се заблагодарам на поддршката за татко ми, оваа работа се случи во самоодбрана, дојде со намера да не отепа. Овој проблем го имаме повеќе од 20 години, пријавувано во полиција, во социјално. Дојде дома со намера да не отепа, немаше друго решение. Јас бев до татко ми, кога ја скриши вратата беше зомби. Не нападна со ножот и се случи што се случи, пукна татко ми, падна на земја и толку, вели Јове Ѓорѓиевски, син на Тони.
Тој вели дека татко му нема намера да бега од државата.
-62- години е, не може бегство да направи, ако сакавме да направиме бегство, немаше јас лично да повикам полиција и Брза помош. Татко ми е чесен човек и немаше намера да го отеоа. Претходно идеше, ќе се извинеше. Ако не умреше тој, ќе настрадавме дел од фамилијата, вели Јове.
Најавуваат продолжување на мирни протестите и барање на правдата на повисоко ниво.
-Цела фамилија се чесни луѓе, немаме никаков контакт со законот, а за таа личност веќе цела јавност знае. Во контакт сум со Хелсиншки комитет, ќе ја бараме правдата и на повисоки судови, рече Дејан Ѓорѓиевски, роднина.
Инаку, според обвинителството, осомничениот Ѓорѓиевски со умисла го лишил од живот неговиот зет за ќерка. Според првите сознанија, сега веќе починатиот, вооружен со долг нож влегол во домот на Ѓоргиевски откако ја скршил вратата. Во претсобјето бил пречекан од осомничениот кој пукал директно во него со пиштол за кој имал дозвола. Јавен обвинител нареди обдукција на телото, а побарани се и снимки од видеонадзорот на објектот.
-
Маја Богоевска
Сите содржини од овој новинар
