Протест на кандидатите за директори на основни и средни училишта - Обвинуваат дека не им се дозволува полагање
Револтирани од одолговлекувањето на обуките, кандидатите за директори во образовни установи денеска протестираа пред Државниот испитен центар. Се жалат дека се спречени во кариерниот развој бидејќи иако уплатиле пари, веќе неколку месеци чекаат за обука и полагање испит за директори на училишта и ученички домови.
-„Прашањето е зошто да нема повеќе обуки годишно, бидејќи како што знаете ние сме пријавени повеќе од 50 кандидати. Зошто да не се направи да има 5 обуки оваа година, па за да можат сите што ќе се стекнат со сертификат да може да се пријават на претстојните конкурси за директори“, вели Александар Георгиевски, еден од кандидатите.
-„Само 2018 година 343 испити за положен директор се реализирале. Зошто тогаш динамиката била по еден испит на ден, да кажеме по еден кандидат, а сега да не може за 3-4 месеци да се почне со обука. Ова е недопустливо и треба да се даде на понатамошно преиспитување зошто“, вели Ксенија Хаџитосева Аврамчева, професорка и претседателка на Европска асоцијација на наставници за Македонија.
-„Дополнителна сенка на целиот овој процес на одолговлекување несомнено е и тој пропуст кој што е направен наводно со изборот на обучувачи, што е малку и тенденциозно очигледно“, вели Драган Поповски, еден од кандидатите.
Директорката на Државниот испитен центар негира каква било дискриминација. Последниот испит бил во демекври, а следните обуки ќе започнат во март и кандидатите редоследно ќе бидат повикани.
-„И утре да организираме обуки, тие обуки два месеци траат, ама испитот е два пати годишно. Значи, нема никаква дискриминација. Ние работиме по закон и почитуваме закон. Меѓутоа, како институција ние имаме малку човечки ресурси и имаме приоритети“, вели Елизабета Наумовска, директорка на Државен испитен центар.
За проблемот кандидатите ќе го известат Народниот правобранител, но и меѓународната заедница.
-
Мирјана Јовеска
Сите содржини од овој новинар
