Македонија
4. October 2021 - 19:56

Проширувањето ќе биде дел од заклучоците на Самитот ЕУ-Западен Балкан

Процесот на проширување ќе биде дел од заклучоците, брифираат дипломатски извори од Брисел во пресрет на Самитот ЕУ-Западен Балкан. Тие потврдуваат дека постои оптимизам за конечно отворање на преговорите на Унијата со Македонија и Албанија за време на претседателството на Словенија. Таквото расположение доаѓа како резултат на позитивните поместувања во спроведување на реформите, но и решавањето на проблемите и отворените прашања од страна на државите кандидатки за членство.

Дипломатските извори од ЕУ потврдуваат дека претставниците на Унијата активно учествуваат во преговорите меѓу Македонија и Бугарија за решавање на билатералниот спор. Преговорите се интензивираат и се бара начин како да се отвори патот кон ЕУ за Македонија и Албанија, иако велат дека многу фактори се пресудни кога станува збор за отпочнување преговори со Унијата.

Во Брисел на самитот во Словенија гледаат како на добра прилика за лидерите од ЕУ да се сретнат со претсавниците од Македонија и Бугарија за да видат како може да се помогне во решавање на билатералниот спор. Решавањето на ова прашање посочуваат дека е екстремно важно, бидејќи со тоа ќе се влиаје и на кредибилитетот на Унијата.