Пропадна обидот на ИТН за состав на владин кабинет во Бугарија, наесен најверојатно нови избори
Во Бугарија пропаѓа обидот за состав на нова влада, еден месец по изборите и единствениот резултат по се изгледа е организирање трети парламентарни избори оваа година наесен.
Во последниот ден пред очекуваното гласање денеска на предлог-кабинетот на Пламен Николов во парламентот, политичката партија која победи на изборите во јули – „Има таков народ“ остана сама во поддршката за него откако БСП и Демократска бугарија одбија да дадат гласови за поткрепа.
Имено, кандидатот за премиер на Бугарија, Пламен Николов предложен од политичката партија „Има таков народ“ ја повлече својата согласност вчера да биде мандатар во писмо испратено до претседателката на Народното собрание Ива Митева. Во него тој наведува дека ја повлекува својата согласност да биде изгласан за 56-ти премиер на Бугарија. Таков документ ќе биде доставен до претседателството на државата, јавија бугарските медиуми.
Николов нагласува дека потегот е поради „лични причини“ и предлага да не се гласа за предлогот за влада во Парламентот.
– Разочаран сум не на личен план, туку за државата…. Ги разочаравме луѓето што не можевме да ја реализираме идејата да направиме единство, како што е напишано на оваа зграда, токму кога на нашата земја и е најпотребно, нагласи Николов.
Според него, наведените први приоритети поврзани со Планот за закрепнување и одржливост, мерките против кризата со Ковид-19 и усвојувањето на новата буџетска рамка остануваат неисполнети.
Во врска со спорната фигура на предлозите за вицепремиер и министер за внатрешни работи Петар Илиев, Николов рече дека не може да коментира.
Според Николов, номинацијата на Илиев не е главната причина за недостиг на поддршка од „Демократска Бугарија“ и „Стани БГ! Доаѓаме!“
На прашањето што ќе се случува понатаму за државата, Пламен Николов одговори: „Избори до крај“.
Меѓутоа, од кабинетот на претседателот на Бугарија излегоа со став кој гласи: „Со указот издаден од шефот на државата, уставната постапка за избор на премиер е веќе во решавачка парламентарна фаза“. Таа го постави прашањето дали за Николов не може да се гласа во Парламентот.
Во моментот во Бугарија се разговара од толкувачи на Уставот за процедурата.
Писмото на Николов е резултат на одлуката на „Има таков народ“ – предлог -кабинетот на партијата воопшто не треба да гласа во пленарна сала.
Поранешниот претседател на Националното собрание, Огњан Герџиков смета дека нема потреба од гласање во пленарната сала: „Кабинетот не поминува затоа што е повлечен од оние што го предлагаат“, изјави Герџиков за „Дневник“. „Никој не може да биде принуден да преземе државна функција“
„Без поддршка на протестните партии, ние нема да предложиме влада“, рече лидерот на ИТН, Слави Трифонов во изјава, што беше пренесена во живо на неговиот профил на Фејсбук.
По изборите на 11 јули во најсиромашната држава од Европската унија, кога ја прекинаа политичката доминација на поранешниот премиер Бојко Борисов, што траеше повеќе од една деценија, ИТН стана единствената најсилна партија, но со само 65 места во 240-члениот парламент, и им е потребна поддршка од други партии.
Ова се случи откако „Демократска Бугарија“ ја смени својата позиција и покрај договорот одби да ги поддржи министрите на ИТН. Вчера истото го направи и коалицијата на Маја Манолова и Николај Хаџигенов од „Стани. БГ!Доаѓаме“.
Што и да се случи утре во пленарната сала на парламентот Румен Радев мора да го предаде вториот мандат, јавија бугарските медиуми.
ГЕРБ веќе најави дека ќе го врати веднаш и нема да се обиде да формира влада.
Така започнува трката помеѓу БСП, Демократска Бугарија и „Стани БГ! Доаѓаме“ за трет мандат. Социјалистите најавија дека доколку го добијат, ќе предложат привремената влада да стане редовна. Другите две коалиции соопштија дека ќе задржат некои техничките министри.
По неуспехот со првиот мандатар, претседателот Радев нема рок до кога да го даде мандатот на втората политичка сила. Меѓутоа, однапред е познато дека кога и да се случи ова, обидот за формирање влада е осуден на пропаст.
Доколку пропадне уставната процедура за формирање влада, следуваат нови парламентарни избори. Дали ќе бидат заедно со претседателските, повеќе ќе зависи од 46. Народно собрание, а помалку од Румен Радев. Парламентот мора да закаже гласање за шефот на државата пред да се распушти. Гласањето може да биде најрано три и најдоцна два месеца пред истекот на мандатот на Радев. Ова значи дека првиот можен датум е 24 октомври, а последниот е 21 ноември.
„Овие сметки се без крчмар. Без гласовите на ИТН или ГЕРБ, кабинетот на една од трите партии што се борат за мандат не собира гласови“, коментираат дел од бугарските медиуми.
Ново на Сител
-
Утре ден на жалост во Загреб
-
Посебен режим на сообраќајот од утре до понеделник во Скопје
-
Нема кривично дело во дејствијата за кои се обвинува, смета одбраната на Артан Груби
-
Просечната нето плата во октомври 42 134 денари
-
Погодена македонската амбасада во рускиот ракетен напад врз Киев
-
Траги од Велибор Манев пронајдени на лепливата лента на устата на Вања
-
Вања била убиена клечејќи на колена со еден куршум во глава одзади грб, грозоморни детали
-
Едно дете загина при нападот со нож во училиште во Загреб