Македонија
4. October 2016 - 8:31

Промоција на „Несвети, а свети“ од епископот Јегоревски, г. Тихон во НУБ

Книгата „Несвети, а свети“ од епископот Јегоревски, г. Тихон (Шевкунов), викар на патријархот Московски и на цела Русија, г. Кирил ќе биде промовирана денеска во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје.

Воведен збор ќе има директорот на НУБ „Св. Климент Охридски“, Иван К. Заров, а промотор на изданието (превод) на современ македонски јазик ќе биде проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски, декан на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Најавено е и обраќање на епископот Тихон.

Во рамки на настанот ќе се одржи мал концерт на духовна музика со настап на хорот на Македонската православна црква и на Галина Георгиева. Исто така, посетителите ќе имаат можност да ја разгледаат изложбата посветена на историјата на Руската патријаршија, подготвена за овој повод.

Епископот егорјевски Тихон (Шевкунов) е истакнат претставник на Руската православна црква и викар на московскиот патријарх, г.г. Кирил, и на цела Русија. Покрај тоа, тој е претседател на Советот за култура при патријархот, широко познат теолог, писател и филмски режисер.

Во рамки на посетата на Република Македонија, епископот Тихон вчера во Охрид се сретна со претседателот Ѓорге Иванов.