Македонија
28. November 2019 - 13:38

Пролетната зелка во Струмичко ќе стаса порано за берба од лани

Расадот за пролетната зелка стасува и до крајот на идниот месец треба да биде засеана во пластениците, информираат прозводителите на оваа градинарска култура.

Според Коце Божиков, производител од село Дабиле, за разлика од лани и засејувањето на расадот и расадувањето во пластеници е за десет денови порано од лани.

-Годинава очекуваме да стаса зелката околу 20 март идната година, што е за десетина денови порано од лани. Тоа се должи на топлото време и се надевам дека временските услови ќе не послужат за да можеме да го пренесеме расадот во пластениците, рече Божиков.

За разлика од лани кога откупот на пролетната зелка помина со протести и ниски откупни цени, годинава откупот помина без проблеми, а откупната цена се движеше од 20 до 50 денари за килограм во зависнот од периодот на бербата. Најголем дел од производството заврши во Романија, потоа во Украина, Србија, Бугарија и Русија.

Во Струмичкиот регион оваа сезона треба да се засадат над илјада хектари под пролетна зелка и се очекува принос од над 50 илјади тони, што е приближно исто колку лани.