Бизнис
8. January 2017 - 14:46

Проклетството на нафтата, 2017- година на несигурност

Ле-з-Еко - Париз

Дали ќе биде почитуван договорот што лани во ноември го постигна ОПЕК, за намалување на производството на нафта? Нема ништо понесигурно од тоа во услови кога економиите на земјите производители се зависни од црното злато. Зависност од која ќе треба еден ден да се ослободат.

„До што води нафтата? До сиромаштија, војни, грозотии. Еден свет полн со маки“. Тоа е одговорот на прашањето на Лудата од Шајо во истоимената пиеса на Жан Жироду, чија премиера беше во 1945 година, неколку месеци по неговата смрт. Тогаш ѕвездените могови на нафтата како најстратешка суровина на 20-от век штотуку започна и производството кое беше строго контролирано од големите сили изгледаше дека е благосостојба за земјите производители.

Сега, 60 години подоцна, констатцијата на Жироду се претвори во жестока реалност и проклетството на нафтата виси над производителите кои се нејзини заробеници. Во меѓувреме, светот преживеа три нафтени шокови, два протившока, крај на два картели - на компаниите и на ОПЕК (Организација на земјите производители на нафта), како и многуборјни обиди за закрпување на ситуацијата, а последниот од крајот на ноември минатата година предизвика извесен скептицизам. Во меѓувреме, заработувачката од нафтата во повеќето време е намалена, а во исто време ги корумпира и економиите и луѓето.

Пристрасни кон нафтата

Констатцијата на Жироду за жал не беше навреме сфатена, па нафтените испарувања ги замаглија главите на луѓе како Садам Хусеин, Моамер Гадафи и Уго Чавез и на многу нигериски и алжирски генерали. Освен тоа, парите од нафтата ги финансираа сите криминални безумија во Персискиот Залив, Централна Азија и Африка.

Норвешка и во помала мера и Велика Британија, се единствените позитивни примери за земји кои успеаја мудро да ги користат приходите од нафтата. Норвешка дури ги посвети на идните поколенија. Од друга страна, Русија во последните години ја зголеми зависноста од нафтата и енергетските извори на јаглеродна основа, па дури и „стави во залог неколку семејни компании“ (19,5 проценти од „Росњефт“ на почетокот на декември) за да ја задржи состојбата под контрола.

Во тој контекст, обврските кои беа преземени во Виена на 30 ноември личат малку на ветувањата на наркоманите за апстиненција, кои при тоа се заколнуваат, исто како што тоа го направи Саудиска Арабија, дека ќе запрат да се дрогираат. На хартија, договорот изгледа величенствено, предвидувајќи намалување на производството за најмалку 1,2 милиони барели на ден, што е приближно еднакво на вишокот што му тежеше на светскиот пазар во 2016 година.

Но, при овие услови, кога финесата е во деталите, можеме да се запрашаме на каква основа ќе бидат остварени тое скратувања по земји: меѓу октомври и ноември лани производството на земјите членки на ОПЕК се зголеми за 370.000 барели дневно, а на Русија за над 100.000. Покрај тоа, каква доверба може да се има во обврската на Ирак, чија контрола врз производството и извозот од курдскиот автономен регион е само теоретска.

2017, година на несигурност

И конечно, да не го заборавиме американското наследство. Производството во САД се намали за еден милион барели на ден од почетокот на 2015, како последица на намалувањето на цените. Од тогаш, нафта не запре да поевтинува.

Идната администрација на новоизбраниот претседател Доналд Трамп ветува дека ќе биде помалку загрижена за животната средина и дека уште во јануари ќе го реши горливото прашање за изградба на нафтоводот чија планирана траса во Дакота минува преку териториите на индијанските племиња кои жестоко се противат на овој проект. САД во 2017 година ќе бидат дополнителен производител на светскиот нафтен пазар и барем за нив проклетството на црното злато е под контрола.

Така 2017 ќе биде година на нафтена несигурност. Земјите производители ќе треба да научат да живеат со цени до максимум 50 долари за барел и ниту цент повеќе. Тоа е далеку од балансирање на буџетите, што за повеќето од нив значи 80 до 90 долари за барел. Некои од тие земји се уште имаат големи резерви, но за останатите - од Венецуела, преку оние во субсахарска Африка и Централна Азија - тоа ќе биде период на многу ниски приходи.

Тие можеби сериозно ќе се замислат над максимата на Жироду и ќе најдат начини да ја намалат својата зависност од нафтата. За останатиот свет, цената од 50 долари за барел исто така е своевидно проклетство кое им се заканува на добрите намери за хармоничен енергетски премин.

Во таа мисла Жироду грешеше: нафтата беше главниот столб на еден економси раст, кој и овозможи на планетата да се справи со демографските и социјалните предизвици, кои беа присутни во втората половина на 20-от век. Големиот залог на 21-от век ќе биде бавното одвикнување од црното злато.

Автор: Филип Шалменпрофесор по историја на економијата на Униревзитетот Париз Дафин и основач и претседател на „Сајклоп“, истражувака организација за анализирање на светските пазари на суровини.