Програма за соработка во културата меѓу Македонија и Бугарија за 2015-2017
Во Софија денеска беше потпишана Програма за соработка меѓу министерствата за култура на Македонија и Бугарија за периодот 2015-2017 година. Таа е правна рамка за продлабочување на културните врски помеѓу двете соседни држави.
Министерката Елизабета Канческа-Милевска ја потпиша Програмата со заменик-министерот за култура на Бугарија Боил Банов, во рамки на нејзината работна посета на Софија каде што се одржува Втор форум за културна соработка меѓу Народна Република Кина и земјите од Централна и од Источна Европа.
Како што информира Министерството за култура, на средбата било истакнато дека двете земји континуирано реализираат бројни активности и проекти од сите сфери, а институционалната соработка помеѓу двете држави е на високо ниво.
Канческа-Милевска го запознала Банов со капиталните инвестиции кои се реализираат во Република Македонија и со стимулативните мерки во повеќе области од културата, меѓу кои и Конкурсот за странски издавачи со кој се поддржани преводи на бугарски јазик на повеќе значајни дела од македонската книжевност.
- Двајцата соговорници ја подвлекоа важноста на Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија, каде што во изминатите десет години се реализираа повеќе од 180 проекти преку кои се промовираше македонската култура во оваа земја. Министерката за култура го реафирмираше интересот на Република Македонија за поинтензивна промоција на македонските уметници и повидливо присуство на македонската култура на манифестацијата „Пловдив - европска престолнина на културата за 2019 година“, соопшти Министерството за култура.
Со поддршка на Министерството за култура, до крајот на годинава во бугарската метропола ќе има неколку гостувања на македонски институции и поединци, меѓу кои ликовниот уметник Глигор Чемерски и Театарот Комедија (кој со две претстави ќе настапи во Сатиричниот театар „Алеко Константинов“), а македонската книжевност идниот месец ќе биде презентирана на Меѓународниот саем на книгата.
Канческа-Милевска денеска имаше и обраќање на Вториот форум за културна соработка меѓу НР Кина и земјите од Централна и од Источна Европа, на панел-дискусија на тема: „Актуелните предизвици во управувањето со културното наследство и размената на културните добра“. Во своето излагање таа ја истакнала важноста на градењето долгорочни политики и стратегии кои ќе резултираат со интегриран пристап во заштитата и промоцијата на културното богатство.
- Го нагласи и значењето на соработката и реализацијата на проекти и иницијативи со клучните партнери во регионалните и глобалните процеси, но ја потенцираше и важноста на воспоставувањето интензивна размена на проекти и искуства и со Народна Република Кина која е стратешки партнер и пријател на Република Македонија и на останатите земји од централна и источна Европа, наведува Министерството за култура.
Министерката за култура информирала и за заложбите на Владата на РМ и на Министерството за култура во областа на заштитата на културното наследство, за изградбата на музеи и активностите во музејската дејност, како и за презентацијата и промоцијата на највисоките вредности на македонското културно наследство и на уметничкото творештво во меѓународен контекст.
Ново на Сител
-
Портокалов метео аларм во Шпанија, повторно се очекуваат обилни дождови
-
Протест пред обвинителството во Нови Сад: Граѓаните бараат ослободување на активистите
-
Во Италија вратена и втората група мигранти од кампот Ѓадр во Албанија, но и дел од вработените
-
Муцунски: На седумте амбасадори им завршува мандатот, во моментов течат консултации и наскоро ќе почне процес на именување нови амбасадори
-
Мерц: Избори во февруари e добро решение
-
Дарио Ивановски е спортист на годината, награди и за легендарните Хаџиевски и Радиќ
-
Маж избодел две девојчиња и двајца мажи, случајни минувачи во Урошевац
-
Кина: Возач намерно удри со автомобилот во толпа, загинаа 35 лица