Професорите од УКИМ на протест, бараат повисоки плати
Синдикатот на УКИМ протестира за поголеми плати во високото образование. Незадоволството го изразија на мирен протест пред Ректоратот на Универзитетот.
Велат дека никогаш не биле во полоша материјална состојба. А, без задоволни професори, велат, нема ниту квалитетно образование и наука, што е од суштинска важност за иднината на државата.
Синдикатот бара итно да се потпише колективниот договор за вработените во високото образование, за што со Владата преговараат повеќе од една година.
Ректорот Јанкуловски вели дека редовно вработен универзитетски професор зема околу 650 евра плата, додека нивните колеги од регионот земаат најмалку 1.500 евра.
Ресорниот министер Шаќири апелираше протестот да не се одрази на јунската сесија на студентите, бидејќи со ребалансот биле предвидени пари за зголемување на платите во високото образование од септември.
Сепак, Синдикатот порача дека доколку Владата не ги чуе нивните барања, следниот протест ќе биде на Илинденска.
-
Мирјана Јовеска
Сите содржини од овој новинар
