Професорите Димитриевски, Атанасов и Живковиќ ги бојкотираат утрешните избори за ректор на УКИМ
Професорите Драги Димитриевски, Петар Атанасов и Вујица Живковиќ денеска соопштија дека и покрај поднесените кандидатури, нема да учествуваат на утрешните избори за ректорт на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), бидејќи, како што истакнаа, на Универзитетот му е одземено правото да добие ректор во транспарентна, објективна и фер процедура.
Атанасов наведе дека во текот на изминативе денови очекувале министерот за образование и наука Арбер Адеми, Државниот просветен инспекторат, како надлежна институција, како и останатите институции во државата да преземат дејствија во правец на заштита на законитоста, односно на сопирање на постапката за избор на ректор на УКИМ, но, како што рече професорот, за жал тоа не се случи.
– Поради тоа наша морална и академска должност е да преземе чекор со кој нема да бидеме соучесници во вакви скандалозни избори и ќе ги заштитиме колегите од притисоци и можни законски и други последици. Ние кандидатите за ректор, јавно изјавуваме дека ниту ги признаваме ниту ќе учествуваме на вакви недемократски избори за ректор на УКИМ закажани за утре, 26 јуни, нагласи Атанасов.
Тој посочи дека тројцата професори го заземаат ставот изборите за ректор да се одржат по парламентарните избори со легална и легитимна постапка.
– УКИМ ги живее своите најцрни денови, хипокритски методи наместо хипократовски пристап, уценети органи и тела на Универзитетот, притисоци од најтежок вид, злоупотреба на најхуманата професија за лични цели, глумење демократија, немање транспарентност, лош менаџмент, слаби резултати на секој план. Континуирано од март годинава, спротивно на законот за високо образование, на статутот на Универзитетот, како и на други закони и акти, но особено спротивно на елементарните демократски практики, на УКИМ му е одземено правото да добие ректор во транспарентна, објективна и фер постапка, потенцираше Атанасов.
Живковиќ нагласи дека, доколку останат во постапката ќе им дадат легитимитет на изборите.
– УКИМ заслужува фер демократски избори, па нека победи најдобриот, рече професорот Живковиќ.
Димитриевски упати апел до институциите да преземат одредени дејствија со цел да се сопре постапката за избор на ректор на УКИМ.
– Оваа е наш последен обид да укажеме на сето тоа и со ова ние го замрзнуваме нашето учество на утрешното гласање, истакна тој.
Ново на Сител
-
Трамп по средбата со Путин: Многу сме блиску до договор за Украина
-
На „Табановце“ за излез од државава се чека околу 30 минути, на „Богородица“ 40 минути
-
Дачиќ: Шест полицајци беа повредени во протестите, 38 лица се приведени
-
Променливо облачно со сончеви периоди, попладне услови за нестабилно време
-
Трамп со аплауз го пречека Путин
-
Авионот на Трамп слета во Екориџ
-
Песков: Самитот меѓу Путин и Трамп во Алјаска ќе трае најмалку 6-7 часа
-
Во Албанија уапсени три лица за подметнување пожари, ситуацијата со пожарите подобрена