Свет
22. March 2022 - 12:24

Продолжува војната во Украина – Зеленски подготвен за договор

Украина повторно најавува дека е подготвена за почеток на мировни преговори со Русија на највисоко ниво. 

Претседателот Зеленски во своето последно обраќање посочи дека е подготвен да разговара со неговиот руски колега Путин за најтешките теми со цел прекин на огнот. Преку неговата последна видео порака посочува дека е подготвен да прифати напуштање на идејата „Украина да стане дел од НАТО“ во замена за прекин на воените дејствија. Повлекување на руските трупи од земјата и гранција за украинската безбедност, посочувајќи дека Украина нема да прифати руски ултиматуми. Истовремено ја потврди информацијата дека руските воени сили го освоиле и последниот копнен Коридор кој преку Мариупол води до Крим што значи дека Украина веќе нема пристап до Азовското Море. 

Руската страна пак вели дека досега е освоена половина од територијата на овој град кој стана мета на жестоки бомбардирања од руската армија последните 10 дена. 

Во меѓувреме продолжуваат жестоките битки а последните информации од терен говорат за уништена воена опрема од двете страни. Во текот на ноќта најкритично било во градовите Харков и Суми. Земјите членки на ЕУ не успеаја да се договорат за нов пакет санкции за Русија. На последниот состанок на шефовите на дипломатиите во Брисел високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност Борел истакна дека формалното усвојување санкции бара процедура и дека во текот на оваа недела нема да има формално усвојување санкции. 

Американскиот претседател Џо Бајден пак повторно ја обвини Москва дека планира да употреби биолошко и хемиско оружје во Украина. Рече дека Русија може планира да изврши и кибер напад врз САД и ги повика извршните директори на американските компании да ги заштитат своите компании од кибер напади. 

Кремљ пак одма ги отфрли ваквите тврдења дека планира сајбер напад. Портпаролот на Владимир Путин, Дмитри Песков изјави дека за разлика од многу западни земји вклучително и САД, Русија не се занимава со бандитизам на државно ниво.