Македонија
22. February 2016 - 12:13

Продолжува соработка меѓу битолската и скопската зоолошка градина

Директорот на ЈОУ „Зоолошка Градина“-Битола, Ѓоко Дамевски денеска соопшти дека продолжува цврстата соработка со скопската зоолошка градина која се темели на размена на стручни знаења и размена и подароци на животинскиот фонд.

Најновиот подарок од „Зоолошка Градина“-Скопје се две валаби и два мајмуни кои викендов мотивираа повеќе од 500 посетители да ја посетат зоолошката градина во Битола. 

- Во петокот од скопската зоолошка градина на подарок добивме две валаби и два мајмуни „патас“, а штом веста се расчу, бројот на посетители викендов забележително се зголеми и притоа регистриравме повеќе од 500 посетители, истакна Дамевски.

Соработката со зоолошката градина од Скопје, но и со други од регионот, најави тој, наскоро ќе резултира со дополнително зголемување на животинскиот фонд  во зоолошката градина во Битола. 

- Кога почнав да ја вршам функцијата директор на битолската зоолошка градина, просечниот број на посетители на годишно ниво беше околу 11.000, а со воведените новини минатата година тој број беше двојно зголемен, односно 21.000. Мислам дека во текот на оваа година битолската зоолошка градина ќе ја посетат околу 30.000 гости, а доколку успееме да достигнеме просек од  50.000 тогаш оваа установа ќе биде самоодржлива и многу поатрактивна, појасни  Дамевски, по успешниот викенд на ЈОУ „Зоолошка Градина“-Битола и промоцијата на новите членови на богатото животинско семејство во таа градина.