Продолжува собраниската комисиска расправа за избор на уставни судии
Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска треба да ја продолжи расправата за утврдувањето предлог за избор на судии на Уставниот суд на Република Северна Македонија.
Комисијата треба да се произнесе за уште осум предлог-судии. Досега е прифатен само предлогот за Фатмир Скендер за нов уставен судија.
Членовите на Комисијата треба да ги разгледаат биографиите и на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, како и на Тања Васиќ Бозаџиева која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство, предложени, како и Скендер, од владејачките партии, но и на универзитетските професори Саво Климовски и Родна Живковска, судијата во пензија Бранко Секуловски, обвинителот Тодор Витларов, судијката од Управниот суд Весна Јовановска и јавниот обвинител Војислав Димовски од Основното јавно обвинителство во Охрид, предложени од ВМРО-ДПМНЕ.
Уставниот суд во моментов, од предвидените девет, работи без четворица судии на кои им истече мандатот. Во нецелосен состав е околу една година откако кон крајот на мај лани им истекоа мандатите на тројца судии – Сали Мурати, Елена Гошева и Никола Ивановски. Кон средината на јануари годинава, пак, му заврши мандатот и на судијата Јован Јосифовски.
Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, по речиси една година откако Уставниот суд работи со намален број судии, на 13 мај ја почна процедурата за избор на нови уставни судии. Предложени се девет кандидати.
Ново на Сител
-
Меџити и Лимани остануваат министри и во кампањата - Гаши неделава ќе распише избори
-
Независните почнаа со собирање потписи
-
Утре ќе биде распишан огласот за нов претседател на Антикорупциска
-
Владата повторно ќе воведе „Училишната кошничка“ за да не поскапи цел прибор пред први септември
-
СДСМ: Матни зделки во енергетиката, зошто ВМРО-ДПМНЕ молчи дали Алказар има одобрение за градба?
-
Дождовите помогнаа, пожарите под контрола
-
Преглед на вестите од светот
-
Поставување камен темелник на нова спортска сала во Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“