Македонија
18. April 2017 - 14:16

Продолжи расправата на собраниската конститутивна седница

Во Собранието на Република Македонија денеска започна тринаесеттото продолжение на конститутивната седница на која се расправа за избор на Комисијата за прашања на изборите и именувањата. На дневен ред е и избор на претседател на Парламентот.

И денешното продолжение од расправата помина со реплики од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои бараат СДСМ да се откаже од платформата од Тирана и да се организираат брзи избори. Пратениците од СДСМ, пак, сметаат дека со расправата не се почитува собранискиот Деловник и да се прекине опструкцијата на Парламентот. На седницата беа упатени и апели партиите да изнајдат сила за излез од оваа криза која, според нив, предолго трае. 

Трајче Димков ги повтори ставовите на ВМРО-ДПМНЕ и уште еднаш побара отфрлање на т.н. тиранска платформа и брзи избори. Според него, никој и ништо досега не го обединил македонскиот народ како грижата и љубовта кон сопствената држава како граѓаните кои 50 дена протестираат низ градовите во Македонија.

Неговиот партиски колега Влатко Ѓорчев праша што добро на граѓаните од населените места во Источна Македонија ќе им донесе платформата. Ним, како што кажа, им требаат инвестиции, вработувања и зголемување на стандардот. Како пример посочи на фабриката „Леар“ во тетовскиот регион каде бројот на вработените сега е 1.400, а оти во ноември бил 500. Најавите се дека оваа бројка ќе се зголемува, рече пратеникот, потенцирајќи дека економијата треба да оди напред.     

Томислав Тунтев во реплика побара уште еднаш пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, како што рече, да ја прекинат оваа лакрдија и да не ја опструираат работата на Собранието.

- Единствена причина поради која што го правите ова е само за да ги зачувате вашите привилегии, рече Тунтев, обвинувајќи за лицемерие. За барањата од платформата преговараше, кажа тој, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и не се договорија за СЈО. - Сега нема платформа, има Програма за Влада, рече пратеникот од СДСМ. 

Во реплика пратениците од ВМРО-ДПМНЕ прашаа што е прифатено од т.н. тиранска платформа во однос на Законот за јазиците, дали е прифатено со гласање во Парламентот да биде прифатена декларација со која македонскиот народ извршил геноцид врз албанскиот, и да се стаса до промена на името по грчки терк. 

Ејуп Алими од ДУИ во процедурална забелешка на Драган Цуклев од Гевгелија праша зошто на пратениците им пречи употребата на албанскиот јазик, а не им пречи грчкиот јазик, особено во градот од каде што доаѓа овој пратеник од ВМРО-ДПМНЕ. Според него, правото на употребата на албанскиот јазик извира од Охридскиот рамковен договор. 

Цуклев одговори дека употребата на грчкиот јазик во неговиот град е во одредени дејности од комерцијални причини и праша која е рационалноста да се воведе двојазичност таму каде што не живее ниту еден припадник на некоја заедница. 

Според Илија Димовски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, споредбата не е соодветна. Со платформата, како што рече, се оди на репреговарање на Охридскиот мировен рамковен договор и на среден и на долг рок менување на Уставот и преку закони дерогирање на овој договор. Во однос на употребата на јазиците, Димовски посочи на пример од минатиот четврток во Гостивар каде на отворање на мост беше употребен напис исклучиво само на албански јазик и без превод на македонски јазик иако во градот живеат над 30 проценти Македонци и бројно турско население. Тој покажа фотографија на која се гледа дека написот е само на албански јазик. - Ова е тоа што штети на меѓуетничките односи во земјата, рече Димовски додавајќи дека треба се има чувство за сите и кон сите припадници на заедниците. 

Неговото искажување се обиде да го демантира пратеничката од ДУИ Мирсада Емини-Асани, според која на свеченоста се употребувале и македонскиот и турскиот јазик.

Апел за поскоро завршување на кризата од собраниската говорница упати пратеникот Африм Гаши од Беса. Според него, не е убаво да се злоупотребува дека платформата е од Тирана. - Тоа е заедничка декларација на албанските партии во Македонија и е усвоена во Скопје на 7 јануари 2017 година, рече Гаши.

Во духот на велигденските празници Гаши побара пратениците да изнајдат сила и земјата да излезе од оваа криза.

Апел за откажување од своите говори и побрзо завршување на седницата уште еднаш упати и претседателот на Собранието Трајко Вељановски.

Бранко Маноиловски од ДУИ повика на побрзо разрешување на кризата и на помирување. - Одолговлекувањето на кризата не е добра за никого, рече Маноиловски.   

Седницата ќе продолжи по редовната пауза за ручек од еден час. 

Конститутивната собраниска седница почна на 30 декември 2016 година, но беше прекината бидејќи не беше обезбедено парламентарно мнозинство за избор на претседател на законодавниот дом.