Македонија
5. July 2025 - 16:43

Продажбата на ФК Брегалница – Штип, ги скара власта и опозицијата во градот

Општина Штип од продажбата на ФК Брегалница ќе инкасира 18 милиони денари. Со половина од нив, ќе се покријат средствата од буџетот потрошени за купување на акциите од досегашниот сопственик по цена од 1080 евра за акција.

- Општина Штип со оваа одлука истите ќе ги продава по 1400 евра на инвеститорот, односно, на сопственикот на мнозинскиот дел од акциите, изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип

 Новиот турски инвеститор ќе откупи 85 % од акциите на клубот, но се обвзрува името да ја содржи именката Брегалница и да не може да се премести седиштето во друга општина или држава. Фудбалскиот клуб мора да се натпреварува во прва или втора македонска лига, а и да ги подмирува сите тековни трошоци, кои досега се одвојуваа од општинската каса. 

- За финансирање на професионален спорт,  на годишно ниво, во зависност од лигата на натпреварување на годишно ниво од 7 до 9 милиони денари. Со новиот договор оваа обврска општината повеќе ја нема, додаде Јорданов

Од опозициската советничка група на СДСМ обвинија за нетранспарентност на постапката.

- На советниците и на јавноста не и се презентирани фактите за продажбата, односно, за потенцијалните купувачи и за тоа што следува. Останува нејасно зошто Јорданов договара продажба во „четири очи“ за овој значаен штипски бренд, изјави Маријана Рогожарска – Попоска, координатор на СГ на СДСМ, Совет на О. Штип

Новиот инвеститор има обврска да го одржува и модернизира градскиот стадион, каде ФК Брегалница ги игра натпреварите.