Македонија
16. February 2024 - 16:33

Проблем и за агенциите

Проблемите кои настанаа околу вадењето на личните документи со новото уставно име Република Северна Македонија многу го погодија и турстичкиот сектор во државава. Прилепските туристички агенции се жалат дека особено 8-мо мартовските аранжмани се намалени за околу 30%. Се плашат дека тој број може да се зголеми затоа што откажувале и тие кои поседуваат нови документи, а нивните пријатели кои треба да патуваат со нив немаат.

„Според некои наши, не толку детални проценки, намалувањата се движат од 20 до 30%. Многу од граѓаните немаат можност да ги добијат своите патни исправи. Така што веќче се чувствуваат тие намалувања на побарувањата во однос на минатата година“, вели Драган Чоловиќ, туристичка агенција.

„Се запишаа резервираа пример за Атина, за Кавала, за Будимшта, Прага, но тие сега немаат пасош само се фотографирани. Ако платиме во странство и тие платат кај нас после кој ќе ги враќа парите. Еве исто и вие или било кој, два пара да сакате да одите, еден од четворицата да нема пасош никој нема да оди“, рече Бранко Карески, туристичка агенција.

Една од најпогодените категории биле малолетните граѓани кои немаат ниту лична карта, ниту пасош.

„За средношколските екскурзии каде што веќе голем дел од екскурзиите се дефинирани, избрани агенции, термини и дестинации, до април треба да бидат. А до април прашање е дали сите ученици ќе извадат пасоши. Јас имам сознанија дека во едно еве средно училиште во Прилеп половината од тие што треба да одат на екскурзија немаат пасоши“, потенцираше Бранко Карески, туристичка агенција.

„Навистина во ова време кога луѓето можат да патуваат, сакаат да патуваат е најблагоречено нефер да им се забрани заради некои административни пречки и да им се оневозможи патувањето,“, додаде Драган Чоловиќ, туристичка агенција.

Друг проблем со кој се соочувале туристички агенциите е тоа што нови документи немаат и голем број возачи кои работат таму, а со истиот проблем се соочувале и туристичките водичи, што дополнително ја осложнувало и онака тешката ситуација.