Македонија
22. April 2025 - 16:36

Привршува судењето за модуларната болница во Тетово

Судењето за пожарот во тетовската модуларна болница влезе во завршница. На денешното рочиште беа презентирани последните докази, па за средината на идниот месец, закажани се завршни зборови. За тешки дела против општата сигурност одговараат Флорин Бесими и Артан Етеми.

На двајцата поранешни директори на болницата им се суди по вторпат откако лани повисокиот суд го врати предметот на ново судење. Одбраната појаснува дека со судењето не се бара одговорност за настанувањето на пожарот, туку за последиците кои ги предизвикал. Тврдат, дека во болницата, имало противпожарни апарати.

„За одбраната на обвинетиот Флорин Бесими не е спороно дека и во повторената постапка, Јавното обвинителство – Тетово, надвор од разумно сомневање не успеа да докаже дека обвинетиот, заедно со останатите обвинети го сториле кривичното дело кое им се става на товар затоа што во текот на постапката ЈО не изведе доказ од кој со сигурност ќе можеше да се утврди дека доколку бил употребен противпожарен апарат, пожарот би бил изгаснат“, изјави Илчо Гавровски, Адвокат на Флорин Бесими.

Во претходниот судски процес, Бесими и Етеми беа осудени на условни затворски казни од една и пол година, кои ќе станат ефективни ако во следните три години го повторат делото. Болницата беше парично казнета со сума од еден милион денари, а докторот Вучевски беше ослободен од вина.

Пожарот во тетовската модуларна болница избувна на осми септевмри 2021 година, а објектот го проголта за помалку од три минути. Трагедијата одзеде 14 животи на луѓе кои се лекуваа од ковид и нивни блиски кои биле таму. Во потрагата по причините за несреќата, се вклучија и германски истражители. Беше утврдено дека пожарот го предизвикал продолжен кабел за струја на кој бил приклучен дефибрилатор и полнач за мобилен телефон.