Македонија
29. July 2025 - 19:26

Приведено лице поради обид за подметнување пожар кај брана Водоча, обвинителството бара притвор

Струмичката полиција приведе лице осомничено за обид да подметне пожар во близина на приватен имот кај браната Водоча, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Случајот го потврди и обвинителството, од каде информираа дека осомничениот вчера преку една од социјалните мрежи се заканил на лице од Струмица дека ќе му ја запали викендицата, по што се обидел да ги реализира заканите. Поради опасност од бегство и можност за повторување или довршување на делото обвинителството побара мерка притвор.

На локацијата брана Водоча се обидел да подметне пожар и да предизвика поголема имотна штета. Со запален факел од хартија и текстил ги запалил гредите на натстрешницата кои започнале да чадат и да горат. Со тоа предизвикал ризик од пожар не само на објектот, туку и на повеќе други викенд куќи и на нискостеблеста и високостеблеста вегетација во непосредна близина“, стои, меѓу другото во соопштението објавено на сајтот на обвинителството.

За случајот на прес конференција реагираа и од ВМРО-ДПМНЕ. Според нив, приведеното лице било возач на Зоран Заев.

Поранешниот премиер и поранешен градоначалник на Струмица Зоран Заев во пишана изјава за Фокус демантираше дека приведениот е негов возач.

Како што пишува Заев, Александар Николов е вработен во општина Струмица.

„Јас бев градоначалник на Струмица до 2016 година и во период од 12 години колку што бев градоначалник, возач на градоначалникот, односно мој возач беше Ристо Ѓузелов до неговото пензионирање, а после тоа беше Кире Ангелов. Александар Николов во тоа време колку што се сеќавам работеше на портирницата во општината и беше возач на општинското возило, за потребите на општинските инспекции и останатите општински служби за теренските активности. По завршувањето на мојот градоначалнички мандат го немам воопшто видено Александар Николов“, пишува Заев во изјавата за Фокус.