Приведени директорот и уште еден раководител на ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје
По наредба на ОЈО, приведен е директорот Сабахадин Рустеми и уште еден раководител во ЈП КХС за состојбата со отпадот во главниот град. Неофицијално се работи за лицето Аки Саити кој бил назначен за раководител во претпријатието. По 6 дена истрага во просториите на комунална и град скопје, единицата за економски криминал попладнево лиши од слобода две лица. Одземена е дополнителна документација од просториите на претпријатието.
„Приведени се и задржани две лица од раководството на ЈП „Комунална хигиена“- Скопје, во врска со сомненија за кривично дело од член 230 од Кривичниот законик.“
Попладнево се очекува приведените да заработат кривична пријава пред ЈО. Во зависност од тоа за кој став од членот во кривичниот законик ќе биде поднесена пријавата, на директорот и раководителот им се заканува казна затвор од најмалку од една до најмногу 10 години.
Сабахадин Рустеми е директор на претпријатието од 29 јануари оваа година и е близок до актуелниот градоначалник на о.Сарај, каде претходно беше директор во општинското јавно комунално претпријатие„ Сарај“ од 2017 до 2021г. Кон Рустеми изминатиот период беа упатени обвинувања и од членовите на синдикатот кои се жалеа дека платите им доцнат и немаат ресурси за работа.
По наредба на ОЈО, полицијата и инспекторатите влегоа во просториите на комунална и градоначалникот на Скопје за откривање на причините кој е виновен за состојбата со отпадот во главниот град.
За истрагата која е насочена кон откривање на кривично дело загрозување на животната средина и природата со отпад премиерот очекува интересна разврска.
Од утре до сабота, градоначалниците со помош на механизација од други градови ќе продолжат со собирање на сметот од и околу контејнерите. Премиерот Мицкоски уверува дека проблемот набрзо ќе биде целосно решен, по доаѓањето на кандидатот Орце Ѓорѓиевски за градоначалник на Скопје.
Изминатите денови откако ескалираше состојбата со отпадот, актуелни градоначалници и кандидати се мобилизираа во расчистување на сметот со помош на колеги од други општини и градови. Расфрланиот смет кој со денови стоеше околу контејнерите ги размножи и глодарите кои се опасност од ширење на едни од најзаразните болести.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
