Македонија
19. August 2025 - 16:44

Притвореници не се спроведуваат на судења поради недостиг на затворски полицајци

Речиси сите притворски предмети последниве два дена се одложени во Кривичниот суд, затоа што притворените лица не се спроведуваат од затворот Шутка до Кривичен. Дел од одложените расправи се и од одделот за организиран криминал и корупција со повеќе од 10 обвинети кои се наоѓаат во притвор, а за кои тече рокот по кој судот мора да постапува. 

Од судот испратија писмо до директорот на затворот Скопје со барање за итно преземање неопходни мерки.

Судењата закажани за вчерашниот и денешниот ден се откажани токму од причина што Вашата институција не ги спроведе обвинетите на судења, а мерката притвор е определена заради обезбедување на нивно присуство (во текот на денешниот ден се одложи рочиште каде што присуствуваа 12 обвинети и нивните бранители, како и јавен обвинител). Мерката притвор е најтешката мерка со којашто се ограничуваат слободите и правата на обвинетите за кои согласно принципот на презумпција на невиност се невини додека не се докаже спротивното, и судот за овој вид предмети постапува итно, стои во писмото од Кривичниот суд до директорот на затворот Скопје.

Директорот Утковски вели дека од затворот со кој раководи притвореници и затвореници се спроведуваат низ целата држава и поради технички причини- немање доволно затворски полицајци се одложува спроводот во некои предмети.

Веќе има оглас за затворска полиција, а околу 170 нови вработени ќе бидат распоредени низ затворите во земјава, најверојатно по локалните избори вели директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов. Со новите вработувања очекува овој проблем да се надмине во иднина.

За тоа дали е оптимист дека сите места на огласот ќе бидат пополнети поради комплексноста на работата во затворите, Пандов вели дека тие земаат највисоки плати, а доколку нема доволно пријавени може ќе бидат и сменети некои услови. 

Претходно во затворитите имаше случаи каде на вработените им беа палени автомобилите, а со отворено писмо до Пандов се жалеа и на ужасните услови во затворите, дека се мета на закани од затвореници, а по работа одредени криминални групи ги пресретнуваат затворските полицајци и се физички малтретирани.