Македонија
19. March 2025 - 20:18

Притвор за приведените полициски службеници

Седумината полициски службеници од СВР Штип и полицијата во Кочани добија 30 дневен притвор. Судот го прифати предлогот на Обвинителството поради опасност од бегство, влијание на сведоци и можност да го повторат делото. 

Кривичното дело за кое се сомничат е поврзано со издавање согласности за функционирање на диско клубот во Кочани каде се случи пожарот во кој 59 лица го загубија животот, а околу 200 луѓе се здобија со тешки телесни повреди. Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет. 

Уапсените полициски службеници со лисици на рацете по распитот беа спроведени во затворот Шутка. Дел се бреанеа со молчење, но дел не се чувствуваат виновни. 

Независно дали се актуелни или поранешни функционери, одговорност ќе има вели премиерот Мицкоски. Според него  не е исклучена можноста да биде проширен списокот на полициски служебници од кои ќе се бара одговорност. 

И додека се бара одговорност за оние кои ставиле потпис и овозможиле дискотеката во Кочани да работи нелегално, нов случај на примање поткуп. Приведен е раководителот на сектор урбанизам на Маврово Ростуше, со мито на рака. Случајот го потврди и премиерот. 

Поткупот бил побаран и примен заради ветување  дека ќе биде одобрен урбанистички проект за градење на апартмани и сместувачки капацитети. Поткупот бил побаран во износ од 13.000 евра  и требало да се исплати во неколку рати. Лицето е лишено од слобода  при исплата на парите од првата рата во угостителски објект во Скопје, откако банкнотите биле претходно криминалистичко технички обработени.