Македонија
3. August 2024 - 16:34

Приштина со протест нота за Скопје по случајот со Османи - МНР изрази жалење за настанот

Косовското МНР со протесна нота испратена до Скопје бара итно и целосно објаснување за инцидентот на скопскиот аеродром со косовската претседателка Вјоса Османи. Обвинуваат дека Османи имала несоодветен и незаконски третман од обезбедувањето на скопскиот аеродром.

„Министерката (Доника) Грвала достави протестна нота до властите во Македонија, барајќи итно и целосно објаснување за овој инцидент. Истовремено, побарано е македонските власти да преземат итни мерки за расветлување на случајот и да се погрижат вакви настани во иднина да не се повторуваат“, се наведува во соопштението на косовското МНР.

Македонското МНР изрази жалење за настанот и недоразбирањето што настанало. Велат дека двете страни имаат пријателски односи и дијалог. Побарале информации за случајот од сите надлежни институции.

- Изразувуваме жалење за недоразбирањата кои се случиле во текот на вчерашниот ден, при патувањето на претседателката на Република Косово Н.Е. Вјоса Османи на меѓународниот Аеродром во Скопје. Откако ќе биде направена соодветна анализа на прибраните податоци во непосредна соработка со Министерството за внатрешни работи, ќе бидат преземени сите потребни активности и мерки, а со основна цел во иднина да се избегнат вакви или слични појави и ситуации, велат од македонското МНР.

Опозициските партиите со нови обвинувања за случајот. ДУИ кои бараа прошка од Косово, велат претседателството на Косово ги откри сите лаги на вазалите од Влен.

- Сите експоненти на Влен имаа различно оправдување меѓусебно, а сите беа демантирани од Претседателството на Косово, од МВР и од концесионерот ТАВ. Овој скандал мора да се расчисти до крај и веднаш да сносат политичка одговорност нелегитимните узурпатори на институциите, Астрит Исени од МВР и Африм Гаши од Собранието.

СДСМ пак тврди дека ги имаат сите информации и го повикаа МВР веднаш да биде решен случајот.

- МВР мора да информира каква била улогата на лица од обезбедувањето на Претседателот на Собранието Африм Гаши и согласно законите да поведе постапки против оние кои ги прекршиле овласувањата. Доколку ова не го направи, тоа ќе биде јасна потврда дека се кријат фактите со цел да се заштитат меѓукоалициските односи. СДСМ располага со целосни информации за тоа што точно се случило и доколку МВР се обиде да ги филува фактите, се ќе биде објавено. 

На обвинувањата за обезбедувањето на Гаши, враќаат од Вреди. ДУИ свесно правеле паника во јавноста. 

- ДУИ свесно и со умисла се обидува да манипулира со јавноста. Косовските власти јасно и недвосмислено изразија сомневање дека инцидентот е намерно испровоциран со цел влошување на билатералните односи со Косово. Кој вработен на аеродромот, кој објавува фотографии на социјалните мрежи со лицето А.Г. се појавил на лице место на инцидентот и со кои намери и причини?

Собранискиот спикер тврди дека интевенирал за да спречи дипломатски скандал. 

Од ТАВ пак категорично ги отфрлаат наводите дека вработен од обезбедување на аеродромот се обидел да и го одземе телефонот туку велат бил побаран да се стави на задолжителниот ренген скрининг како и на сите други патници  за да може авионот да полета. Османи патувала преку Скопје кон Словенија, односно не била во официјална посета на земјава.