Македонија
23. November 2022 - 19:37

Прилепската болница две недели без греење

Општата болница во Прилеп веќе 2 недели е без систем на централно парно греење поради пукање на главната водоводна линија, која била стара повеќе од 40 години и која била поврзана со котларата. Линијата во моментов се санирала, а претходно пак морало да се распише и тендер за овој зафат. Директорката на болницата, Кети Смилеска, вели дека мазут имало доволно, во два наврати биле набавени 55 тони, а во постапка била набавката на уште 25 со што ќе се задоволеле потребите на оваа установа до крајот на грејната сезона.

„И очекувам најскоро, еве сега доаѓам терен, очекувам денес до пладне да се санира, но она што се случува на терен не може секогаш да се предвиди. Во текот на утрешниот ден се надеваме да се саниираа таа водоводна мрежа и да започне да функциионира котларата. Во моментов како и секогаш во болницата има дополнителни грејни тела и ниту еден пациент не се наоѓа во просторија која што не е затоплена“, изјави Кети Смилеска, директор на Општа болница Прилеп.

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес конференција истакнаа дека ова било само уште еден доказ за неспособноста на централната власт да се грижи за своите граѓани и токму поради тоа биле потребнии брзи предвремении избори.

„До кога разно разни грејни тела ќе бидат некакво решение за затоплување на болница која треба да  претставува пример за здравствена установа со нормални услови за пациентите? Дали како и многу пати во минатото, повторно топката и вината ќе се префрлаат на друга страна, па така на пример виновен ќе биде добавувачот, доцнењето со испораката на мазут, немањето доволни количини, а никогаш раководството и директорот на самата болница?“, рече Христијан Тунески, ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.

Инаку со проблеми со греењето прилепската болница се соочуваше и во февруари оваа година поради доцнење на испораката од страна на добавувачот.