Македонија
21. May 2023 - 16:32

Прилепчани се уште ги чекаат ветените спортски сали

Давањето на салата „Расадник“ во владение на Кисела Вода од страна на државата повторно ја разбранува прилепската спортска јавност која со години моли државата да им обезбеди спортска сала. Двете сали Универзална и Македонија се затворени со години. Според ЈП АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор под чија надлежност е Универзална сала таму не можело да се игра бидејќи имало проблем со терасата на една од трибините и требало тоа да се санира. Во тек било постапка за објавување на тендер за изработка на техничка документација. Но еве со години проблемот не се решава. Спортистите пак децидни дека проблемот според нив бил апсурден и можел да се реши со минимални средства.

„Ако дома во една куќа скалата е пукната не треба да ја затворите куќата. Така и ова иди, ако е напукнат еден балкон ние затвораме цел спортски објект. Така што ги повикувам пратениците без разлика дали се од власта или опозицијата, да извршат притисок до Владата, бидејќи сите спортски објекти во Прилеп се во сопственоста на Владата, да се најди под итно решение бидејќи ова не се издржува повеќе. Доколку ова не се реши во најкраток можен рок, ние спортистите и спортските клубови ќе ги радикализираме работите“, истакна Рубинчо Седлоски, спортски работник.

Не ни беше дозволено да снимиме во салата и да видиме точно за каков проблем станува збор, со образложение дека било небезбедно, што според спортистите е смешно. Од Општина Прилеп бараат побрзо отворање на салата.

„Останува да видиме од надлежните институции, во периодот кој што следи дали и кога ќе започне оваа санација на еден од најголемите спортски затворени објекти во Прилеп и конечно нашиот град да има достојна сала продуктивна за многу спортски натпревари и активности за кои што навистина има неопходна потреба“, изјави Горан Стојаноски, Општина Прилеп.

Сала „Македонија“ нема ниту технички прием веќе 20 години и е во владение на Јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти. Од Агенцијата за млади и спорт барат сите овие објекти од ова јавно претпријатие да се попишат, тие кои се големи и од национален интерес да останат во државна сопственост, а помалите објекти да им се доделат на општините. Во покривањето на долговите на објектите и на самото претпријатие кои биле околу 7 милиони евра да помогнела Владата.

„55 до 60% од долговите се и на државни фирми и камати, неплатени поридонеси кон вработени и слично. Да помогне државата во тој дел тоа да се среди, а другиот дел кој што е околу 2,5 милион евра главница да еден или два објекти би се продале и би се расчистил тој долг и тоа претпријатие да биде на нула. Е сега тоа може да постои и да стопанисува со објектите од национален интерес или да не постои“, потенцираше Наумче Мојсоски, директор на Агенција за млади и спорт.

Без сали нема напредок на спортот. Дали Владата ќе има волја да ги придвижи работите од мртва точка или спорт ќе продолжи да замира во Прилеп, ќе покаже периодот кој следува.