Прилеп ја одбележа градската слава Св. Никола
Со Литургија и прережување на славскиот колач кај параклисот во центарот на градот Прилеп денеска по 16 пат ја одбележа својата Градска слава Свети Никола. Годинава домаќини беа од градежната компанија „Тера Кота“, а за идната година домаќин се пријави да биде компанијата „Комфи Ангел“ од и нејзината менаџерката Ирена Јакимоска. Беа испратени пораки за мир, љубов и конечно наше сплотување како народ.
„Да се обединиме, да заборавиме на антагонизмите, да ги заборавиме и да ги оставиме суетите на страна, заради тоа што само обединети и заедно можеме да го оствариме сонот Прилеп да стане еден од најубавите градови за живеење во Република Македонија“, рече Гордан Бошкоски, годинашен домаќин на славата.
„Едно треба да запамтите, ние сме оние кои ја правиме традицијата, традицијата е она што го кажа нашиот градоначалник, што не поистоветува со нас и затоа сме ние кои можеме да обезбедиме континуитет на традицијата во името на оние кои доаѓаат после нас“, кажа Ирена Јакимоска, иден домаќин на славата.
Беше порачано тоа дека Прилеп е особено горд на тоа што е достоинствен чувар на нашата историја и традиција.
„Традицијата преставува идентитет на секоја држава, што нас не прави горди како прилепчани, е токму ова, чувањето и негувањето на вистинските вредности, верата, традицијата и историјата“, истакна Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.
Како и секоја година за сите присутни домаќините обезбедија и посна трпеза, која им се делеше на граѓаните на плоштадот Александрија.
-
Дарко Штаргоски
Сите содржини од овој новинар