Презентерката Ејупи нема да биде генерален конзул во САД – МНР информираше дека актуелниот конзул се уште има мандат
По 24-часовниот молк институциите се огласија. Не се предвидува смена на моменталниот конзул во САД.
По денешната затворена седница на Владата со која раководеше првиот вицепремиер Груби, нема детали за тоа дали кадровското решение било повлечено по бурните реакции и негодувања во јавноста.
Демант дека била донесена одлука 28 годишната Ејупи, која досега има само телевизиско работно искуство да стане генерален конзул во САД, нема ниту од МНР.
“Со оглед дека се работи за информации од доверлив карактер, дозволете да информираме дека Република Северна Македонија во моментов има Генерален конзул во Њујорк Јордан Панев, кој е дипломат од кариера и кој е избран согласно сите законски прописи. Во моментов тој е на половина од својот мандат и засега не се предвидува негова предвремена замена”
Конфузијата околу изборот на Ејупи денеска проба да ја разјасни и премиерот Ковачевски.
Натрапници во дипломатијата, реагираат и од Македонскиот дипломатски синдикат, од каде повикуваат веднаш да се престане со омаловажувањето со дипломатската професија.
"Уште веднаш треба да запре злоупотребата на оваа репрезентативна професија од страна на политички субјекти кои ја користат можноста за упатување несоодветни кадри на високи дипломатски и конзуларни позиции по секоја цена. Законот за надворешни работи прецизно ги пропишува условите за вакви упатувања", реагираат од Синдикатот.
Инаку според Законот за надворешни работи објавен на сајтот на МНР, генералниот конзул мора да исполнува низа услови. Меѓутоа, во новиот пречистен текст од ноември 2020 година, “исчистен” е единствениото нешто кое Ејупи не би можела да го исполни, а тоа е да има стекнато соодветно дипломатско звање, со што теоретски се исполнуваат условите за нејзино заминување во САД.
Претходната верзија на законот која е променета во декември 2015 година јасно прецизираше дека е потребно дипломатско звање или афирмираност на полето на надворешната политика.
Со законските решенија, пак, кои засега се во драфт верзија и се објавени на ЕНЕР, а кои потекнуваат токму од мандатот на оваа влада, се предвидуваат уште построги кретириуми како 15 години работно искуство.
За дипломатски скандал обвинуваат и од ВМРО ДПМНЕ.
“Ова само ја надополнува бледата слика за македонската дипломатија. Македонија веќе 4 години е оставена без највисоки дипломатски претставници во најважните престолнини во светот – членки на Советот на безбедност, соседи од клучно значење, главни европски центри и Вашингтон. Во овој случај се работи за дипломатски скандал par excellence”.
-
Горан Симоновски
Сите содржини од овој новинар
