Македонија
16. May 2025 - 8:08

Презентација на Извештај за состојбата на Ромите во Северна Македонија во 2024/2025

Институтот Ромалитико денеска ќе презентира Извештај за состојбата на Ромите во Северна Македонија (2024/2025). 

Ќе бидат презентирани податоци поврзани со: високата невработеност и ограничениот пристап до активни мерки за вработување; намалување на уписот во основно образование и недостапност на високото образование; укинување на буџетот за здравствени медијатори и алармантната здравствена состојба на ромската популација.

Како што информира Ромалитико, извештајот нотира и нехумани услови за живеење и слаба инфраструктурна поддршка, продолжено постоење на лица без документи и ограничен пристап до правда, повеќекратни форми на дискриминација врз Ромките, особено во случаи на семејно насилство и трговија со луѓе.

-Извештајот укажува дека ромските заедници сè уште се соочуваат со длабоко вкоренета структурна нееднаквост и социјално-економска маргинализација, и покрај стратегиските и законските заложби содржани во Ромската стратегија 2022–2030 и Законот за спречување и заштита од дискриминација, посочува Институтот Ромалитико.