Претседателот Иванов го покани грчкиот премиер Ципрас да ја посети Македонија
Претседателот Ѓорге Иванов, говорејќи за прашањето за името на 71. Генерално собрание на Обединетите нации, упати покана до грчкиот премиер Алексис Ципрас да ја посети Македонија и да биде специјален гостин на самитот на лидерите од Брдо-Бриони процесот, што следната година ќе се одржи во нашата земја.
- Нема проблем што не може да се реши и разлика која не може да се надмине. Единствен предуслов е да се почитуваме и преку дијалог да доаѓаме до решенија. Следната година Република Македонија ќе биде домаќин на Процесот Брдо-Бриони, што полека ги заменува декларативните регионални иницијативи и механизми. Би сакал како специјален гостин на Самитот да учествува Премиерот на Грција, рече претседателот Иванов, во својот говор на 71. Генерално собрание на Обединетите нации.
Претседателот Иванов ги поздрави мерките за градење доверба со Република Грција и повика на нивно проширување и внесување нови содржини.
Колку побргу ги исполнуваме мерките, толку побргу ќе создадеме позитивен амбиент за да бараме решение за разликата околу името, во рамките на Времената спогодба, резолуциите на Обединетите нации и пресудата на Меѓународниот суд на правдата, рече македонскиот претседател.
- И во вакви сложени околности Република Македонија прави се што е во нејзината можност за да има најдобри можни односи со сите соседи. Со Грција имаме разлика околу која се води процес во Обединетите нации. Двете соседни земји имаат едно отворено прашање, а илјадници области каде имаат заеднички интерес, но и сериозни предизвици како мигрантската криза, безбедноста, кои не упатуваат на тесна соработка. Прашањето за името не смее да биде пречка да остваруваме максимална соработка во сите области од заемен интерес. Но, изгубивме драгоцено време, рече претседателот Иванов на 71. Генерално собрание на Обединетите нации.
Ново на Сител
-
По втор пат во една година вандализирани православните гробишта во Гостиражни
-
Стефаноска: Развојот на мирен туризам тренд во светот
-
Преглед на вестите од светот
-
Одложен е тендерот на кој ЕСМ требаше да понуди цена по која ќе му продава струја на ЕВН
-
Тема на денот со поранешните конгресмени Дејвид Хагс и Бил Флорес
-
Тошковски: 15 службеници издавале дозволи за оружје незаконито, опозицијата го обвинува дека отпушта професионалци
-
Кумашини на Ѓорчевски први ги поврзале исчезнувањата на Вања и Панче
-
Директорот на Детска обвини поединци со лажни ФБ профили за хајка против него и клиниката