Македонија
22. October 2024 - 18:27

Претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен в четврток во Скопје

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, в четврток ќе допатува во посета на Северна Македонија, во рамки на четиридневната посета на Западен Балкан, при што ќе ги посети и Албанија, Босна и Херцеговина, Србија, Косово и Црна Гора, каде со лидерите ќе разговара за напредокот на Западен Балкан на патот кон ЕУ, како и за Планот за раст на ЕУ од 6 милијарди евра.

По посетата на Тирана, Фон дер Лајен в четврток ќе допатува во Скопје, каде ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски и со претседателката Гордана Силјановска-Давкова.

Како што соопшти Делегацијата на ЕУ во Скопје, предвидено е претседателката Фон дер Лајен и премиерот Мицкоски да одржат прес-конференција во Владата.

По посетата на Скопје, Фон дер Лајен ќе замине за Босна и Херцеговина.

-Овогодинашната посета на Западен Балкан доаѓа во време кога проширувањето е на врвот на агендата на ЕУ, што беше потврдено од претседателката Фон дер Лајен во неколку наврати, вклучително и неодамна на Самитот на Берлинскиот процес и на Бледскиот стратешки форум, стои во соопштението на Делегацијата на ЕУ.