Претседател на бугарско здружение опфатен во акција за лов на педофили
Полицијата и Обвинителството во лов на педофили. Во координирана акција извршуваат претреси на вкупно седум локации за обезбедување докази за дистрибуција на детска порнографија. Службите во Струга, Битола и Струмица, запленуваат компјутери, лап-топи, телефони и други електронски уреди кои ќе треба да помогнат во истрагата.
Официјални детали за тоа колку луѓе се опфатени во акцијата засега нема, но според неофицијални информации, едно од лицата кои се опфатени во претресите е претседателот на бугарското здружение „Струмичка петорка“, Борче Котевски од Струга, кој има и свој подкаст „Почетна пресметка“ на Јутјуб каналот Б2 Канал.
Бугарските медиуми, кои главно се повикуваат на информации од македонските медиуми веќе објавија фотографии од Котевски со ултра-десничарскиот проруски бугарски политичар, Костадин Костадинов.
Медиумите пишуваат и за поврзаност со Виктор Стојанов, основач на т.н. „Фондација Македонија“. На Фејсбук страницата на Фондацијата, речиси без исклучок биле рекламирани сите подкасти на Котевски пред и за време на нивното емитување во етер.
Сепак официјалните информации од службите се штури и за официјални детали ќе почекаме додека не завршат претресите.
-Во однос на ова, ОЈО Скопје обезбеди наредби за претреси и во координација со МВР презема дејствија за обезбедување докази, велат од Обвинителството.
-МВР по обезбедени наредби за претреси и во координација со ОЈО Скопје презема дејствија за обезбедување докази, велат од МВР.
Доколку се докаже дека лицата опфатени во оваа акција навистина дистрибуирале детска порнографија, тогаш им се заканува казна-затвор од најмалку осум години.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
