Свет
25. March 2016 - 9:10

Пресврт во истрагата: Полицијата со месеци знаела каде се крие Абдеслам, но не реагирала

Белгискиот регионален весник „Газет ван Антверп“ денеска објави дека имало сериозни пропусти и грешки во истрагата околу до неодамна најбараниот терорист во Европа, Салах Абдеслам, кој минатата недела, пет дена пред терористичките напади во Брисел, беше уапсен од страна на белгиската полиција во главниот град, јави дописникот на МИА од Брисел.

Според овој весник, полицијата во градот Мехелен, кој е оддалечен 25 километри од Брисел и важи за град со најголема концентрација на арапска популација во Белгија, наводно со месеци знаела каде точно се крие Абдеслам во проблематичната бриселска населба Моленбек, по терористичките напади на Париз во ноември минатата година.

Во исто време, весникот „Политико Европа“ објави дека по апсењето на Салах Абдеслам минатата недела во прв момент ниту еден од детективите не го испрашал за тоа дали се планирале нови напади. Истражните органи, според „Политико“, го испрашувале само еден час и цело време разговарале со него за нападите во Париз во кои лани загинаа 137 лица, а каде Салах учествуваше директно заедно со својот брат Брахим Абдеслам, кој се саморазнесе на една од локациите што ги нападнаа терористите.

Во текот на вчерашниот ден, белгиските истражни органи објавија дека Салах Абдеслам бил директно поврзан со браќата Калид и Ибрахим Ел Бакрауи, кои учествуваа во терористичките напади во Брисел пред три дена и дека заедно со нив планирале нападите да ги извршат подоцна, најверојатно на прв ден католички Велигден. Тие наводно планирале да спроведат идентично сценарио на напади како што беше случај и на 13. ноември во Париз, односно едни да се саморазнесуваат на аеродромот Завентем и во метро станицата Малбек, а други со пушки да пукаат по недолжни цивили во центарот на Брисел.