Македонија
12. May 2025 - 16:38

Пресудата за пожарот во модуларната болница во петок

Јавното обвинителство и поранешните директори на тетовската болница останаа на различни гледишта за пожарот во модуларниот ковид центар. Во своите завршни зборови, обвинителството тврди дека доказите понудени во текот на судењето потврдиле дека двајцата директори не поставиле противпожарни апарати во објектот и сториле тешки дела против општата сигурност. Флорин Бесими и Артан Етеми иако имале обврска, не обезбедиле апарати за гасење пожар, па Јавниот обвинител побара двајцата да бидат огласени за виновни. 

Тие пак во својот завршен збор побараа ослободителна пресуда. Неколкумина сведоци потврдиле дека во модуларната болница имало противпожарни апарати, а раководните луѓе не биле вклучени во процесот на предавање на објектот.

Според роднинините на загинатите, судењето наликувало на квиз. Апелираа до институциите да не дозволат други да ја доживеат нивната трагедија.

„Како што гледав внатре, не се чинеше дека се суди некој. Како да играа квиз. Едниот зборува дека имало ПП апарат, другиот кажува дека немало ПП апарат. Не е важно дали имало или немало. Таму загинаа 14 лица, а никој нема одговорност за случајот. И апелирам до целата држава, да се разбудат од сонот. Нашите ги изгубивме, да не ги изгубат другите“, изјави роднина на загинатите.

Пресудата за пожарот во модуларната болница, тетовски суд ќе ја објави во петок.

Ова е второ судење за случајот, со претходната пресуда, Бесими и Етеми беа осудени на условни затворски казни, а болницата казнета со еден милион денари.. Повисокиот суд ја укина пресудата па обвинетите се вратија во судница. 

Тетовската модуларна болница изгоре на осми септевмри 2021 година, а во трагедијата загинаа 14 лица. Причините за избувнување на пожарот ги бараа и германски истражители. Беше утврдено дека пожарот го предизвикал продолжен кабел за струја на кој бил приклучен дефибрилатор и полнач за мобилен телефон.