Македонија
30. December 2015 - 10:17

Препораки за намалување на загадувањето во Кавадарци

Општина Кавадарци упати препораки за намалување на загадувањето до граѓаните, општинските институции и стопанските субјекти. 

Јавното претпријатие „Комуналец“ треба да ги интензивира активностите за чистење на улиците, особено околу градилиштата, а комуналниот инспектор за животна средина, до 4 јануари 2016 година да врши секојдневна вонредна контрола во инсталациите кои подлежат на Б интегрирана еколошка дозвола и секој ден да доставува извештај до градоначалникот.

- Овластените инспектори за животна средина и комуналните инспектори, до 4 јануари 2016 година да вршат еднаш неделно контрола на инсталациите кои подлежат на Б интегрирана еколошка дозвола,  само во делот на емисии на честички во воздухот. При тоа, во рамки на контролите, да се даде препорака за редуцирана работа на индустриските капацитети во соодветните метеоролошки услови, се вели во соопштението од општината.

Градоначалникот Александар Панов апелира граѓаните на Кавадарци да не ги користат возилата без потреба, а почесто да го користат јавниот превоз, да ја рационализираат употребата на автомобили што подразбира, повеќе лица да се возат со едно возило во исто време. Апелира за затоплување да не се користат  прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума и каков било синтетички материјал.

Општината го задолжи инспекторот да изрекува казни за сите оние кои нема да се придржуваат на овие препораки, како и казни на сите кои намерно или ненамерно ги палат контејнерите.

Локалната самоуправа  ќе ги преземе трошоците за депонирање на јаглен до депонијата „Мелци“,  како дел од препораката домаќинствата односно стопанските субјекти да се откажат од овој загадувачки енергент за затоплување на нивните домови и простории.

Општината го задолжи инспекторот за животна средина да изврши контроли на сите автосервиси и доколку констатира неправилности при работењето од нивна надлежност,  да преземе соодветни казнени мерки.

- Градоначалникот презеде иницијатива за покренување постапка за  промена на Законската регулатива во сообраќајот,  со воведување на забрана за движење на секаков вид моторни возила што  не поседуваат катализатор. Забраната да важи  во периодот од декември до февруари. Градоначалникот и Општината преку надлежните институции ќе ја следат реализацијата на донесените заклучоци и состојбата поврзана со загаденоста на амбиенталниот воздух, стои во соопштението.