Македонија
29. March 2020 - 16:34

Преписка помеѓу Мицкоски и Рашковски на „Телеграм“ за превозот на макеоднските граѓани од странство

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ преку пораки на Телеграм го обвинува генералниот секретар на владата Драги Рашковски за профитерство за време на вонредната состојба со организираните летови за враќање на македонски државјани поради коронавирусот. Генералнит секретар пак, во пораките му возвраќа дека набавките за авиопревозник се јавни и се работи за понудувачот со најниска цена - Визер.

Преписката јавно ја објавија од Владата. Сметаат дека пораките на Мицкоски се закани и притосок кон институциите. Од владата во соопштение ги објавуваат и деталите од организираниот превоз, при тоа посочувајки ги и договорите со граѓаните во кои е наведено дека сами ќе ги платат чартер летовите.

- Секој македонски граѓанин кој се враќа во нашата земја со превозот кој го организира Владата има обврска самостојно да го плати авионскиот лет, при што вкупната цена на чартер летот која изнесува околу 32.000 евра се дели со бројот на патници сместени во авионот. За пример, цена на летот од Минхен до Скопје изнесуваше околу 190 евра по патник , велат од Владата.

Превозот од аеродром до сместувањето во државниот карантин пак, исто го прави превозник избран преку јавен повик. На него се јавила само една компанија – Вардар експрес што ги исполнува условите за 20 автобуси во ист момент. Од владата велат дека сместувањето се прави во 19 сместувачки објекти кои се јавиле на владиниот повик.

Мицкоски пак, возврати преку Фејсбук статус. Вели дека нема да го тужи Рашкоски за незаконското објавување на пораките, но и стои на тоа дека има основани сомневања дека Владата прави криминал со транспортот на луѓе, има нехуман третман и печали од летовите, па ќе дојде ден да одговараат за таквото воено профитерство.

-Доказите со кои располагам ќе ги доставам до институциите веднаш откако ќе се ослободи судството и обвинителството од стегите на власта и принципот "трас-трас" воспоставен од Зоран Заев, а до тогаш јас бурно ќе реагирам за секоја информација од која се гледа дека некој се богати на грбот на измачениот народ. Очигледно криминалците остануваат тоа и во редовна, и во вонредна состојба, напишал Мицкоски 

Од неговата партија велат дека докази за лошиот превоз и сомневања за криминал има и на социјалните мрежи.

- Изминативе 2 дена имаше стотици сведоштва од граѓани докази кои се вратиле во државава со превоз организиран од Владата, кој се нарекува хуманитарен од страна на владата а не е хуманитарен бидејќи граѓаните сами си го плаќаат превозот и враќањето во државата, сите сведоштва, дел од нив и јавни лица од јавниот живот познати на целата држава кои сведочеа за нечовечките услови со кои се третираат граѓаните на патот од аеродром или од граница до карантин, вели Димче Арсовски 

Од СДСМ пак, велат дека МИцкоски докажал дека се бори единствено за личен и партиски профит.

Мицкоски треба да се засрами неговото однесување е ниско и неодговорно. Ниту еден политичар од самостојноста досега не се однесувал вака во време на криза. Во ниту една земја опозицијата во овие времиња не тера теснопартиска политика. Само ВМРО-ДПМНЕ секој ден продолжува со партиски препукувања и обвинувања, без ниту еден факт или доказ за изнесените клевети, велат од СДСМ