Македонија
16. December 2020 - 20:33

Премиера на необјавената „Божиќна песна“ на Влатко Илиевски

Нашата голема музичка ѕвезда Влатко Илиевски, која нѐ напушти пред две години, остави многу хитови зад себе, но и нови песни, кои не стигна да им ги претстави на своите многубројни обожаватели во земјата и надвор од неа. Една од нив е и „Божиќна песна“.

На радиостаниците во Македонија денеска премиерно ќе биде пуштена „Божиќна песна“, која Влатко ја снимил со хорот „Златно славејче“, но досега не е објавена. Музиката и аранжманот се на Кире Костов, текстот го напиша Љупчо Јакимовски, а снимена е во студиото „Торус“ на Александар Митевски.

Пред извесно време беше издадено и цеде со најголемите хитови на Влатко, насловено „За љубов се пее до крај“, а песните што популарниот пејач се подготвувал да ги стави на новиот албум исто така наскоро ќе ѝ бидат претставени на јавноста.

Хитовите на Илиевски може да се слушнат и на неговиот музички канал на Јутјуб, а во подготовка е и монографија за него. Во план е и организирање концерти „Пријателите за Влатко“, но поради пандемијата на коронавирусот, тие ќе почекаат подобри денови.