Македонија
25. February 2021 - 19:47

Преговори на историчарите од Македонија и Бугарија

Записниците од минатите средби спорни поради употребата на придавката македонски, учебниците и средновековието, но не и Гоце Делчев. Ова е агендата на денешната онлајн средба на мешовитата историска комисија, прва од предвидените пет за оваа година.

По 11 состаноци, македонските и бугарските историчари немаат посериозен пробив кон договор за историските прашања, а во пресрет на новата средба, тоа го потврдува и шефицата на бугарската дипломатија.

„Зборувавме за тоа дека не само што нема напредок, туку има и отстапки за тие пет личности за кои веќе сме се договориле.  Тоа е едно од суштествените прашања. Во крајна линија, нашето мислење е исто како и на членовите на нашата комисија, дека тоа се текстови кои треба да влезат и во учебниците. Така што објавата дека Комисијата постигнала согласност за средновековието не е точна. Тие немаат договор ниту за средновековието”

Голем дел од бугарските забелешки се однесуваат на бавноста во промената на содржините на македонските учебници за основно образование.

„Има сигнали дека се менуваат учебниците во Македонија, дека се пишуваат нови учебници. Тоа неспорно е така. Забелешките доаѓаат не само од Бугарија, туку и од Грција и од албанската јавност во МКД, но се разбира, работата на нашата Комисија е пред се односите меѓу БГ и МКД на историски план”

Покрај работата на историската комисија, Захариева за бугарската национална телевизија ја коментираше и европската перспектива на земјава. Македонија ја има, но само доколку исполни одредени услови и никако поинаку, вели министерката.    

„Не знам каква претстава имаат за ЕУ, но таа не работи како Југославија. По друг начин работи. Мислат дека некој ќе дојде и ќе ја притисне Бугарија, но многу пати им кажавме – тоа нема да се случи. Тоа им го кажуваме од 2019 година”

Работата на историчарите продолжува и утре, кога според најавите ќе се разговара за Гоце Делчев – тема за која досега нема никакво поместување од двете страни.