Loading Video...
Свет
6. November 2025 - 16:31

Преглед на вестите од светот

Уште една жртва од пожарот во Домот за пензионери во Тузла. Тоа билансот се искачи на 12. Повеќе од 30 луѓе побарале мецидинска помош. 15 се сеуште во болница, а неколкумина се поврзани на респиратори. Тузла прогласи четиридневна жалост, а денеска е Ден на жалост на целата територија на Босна и Херцеговина. Пожарот избувна завчера околу 20:45 часот на седмиот кат од Домот.

На противпожарните служби потребни им беа час и половина за да го локализираат, но и во тоа кратко време животот го загубија 12 луѓе. На катот биле сместени неподвижни тешко подвижни лица, што во суштина многу ја отежнала евакуацијата на станарите. Според пишувањата на локалните медиуми, семејствата на неподвижните пензионери со месеци алармирале за тоа што токму ваквите лица биле сместени на најгорните катови. Причината за пожарот се уште не е позната. 

Русија ќе остане дестабилизирачка сила во Европа и светот и во иднина. Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте вели дека дури и доколку дојде до примирје меѓу Москва и Киев тоа не би значело дека опасноста од Русија ќе помине.
До 2035 година земјите сојузнички ќе инвестираат значително голема сума на пари во одбраната, откако лидерите се обврзаа да ги зголемат трошењата на 5% од Бруто домашниот производ. 

-Ни требаат капацитети, ни треба опрема, вистинска огнева моќ и, секако, најнапредна технологија. Бидејќи заканите со кои се соочуваме се реални и трајни. Неиспровоцираната војна на Русија против Украина е најочигледен пример за заканата. Но, опасноста што ја претставува Русија нема да заврши кога ќе заврши оваа војна. Во догледна иднина, Русија ќе остане дестабилизирачка сила во Европа и во светот.

Во Букурешт се одржува форум меѓу НАТО и индустријата со цел изнаоѓање решение како индустријата може да му помогне на најголемиот воен сојуз во Светот во инвестициите во одбранта и производството на современи одбранбени системи.

Продолжуваат препукувањата Трамп – Мамдани, откако 34-годишникот победи во градоначалничката трка за Њујорк. Претседателот на САД го нарече комунист и рече дека во најголемиот град во Соединетите Држави нема да се промени ништо.

-Се сеќавате дека реков „Никогаш нема да имаме социјалист избран на која било функција во нашата земја“. Го велев тоа и бев во право. Ги прескокнавме социјалистите и наместо нив ставивме комунист. Тоа не функционираше баш најдобро. Но, како што предупредував со години, нашите противници се решени да ја претворат Америка во комунистичка Куба или социјалистичка Венецуела. Гледате што се случи со тие места, вели Трамп.

Мамдани е првиот градоначалник од Њујорк кој доаѓа од муслиманска вероисповед, а самиот се декларира како демократски социјалист. Битката со Трамп почна уште за време на кампањата кога американскиот претседател се закани дека ќе ги намали федералните средства за Њујорк доколку тој ја добие градоначалничката битка.