Преглед на вестите од светот
Група претставници на Меѓународниот Црвен крст се сретнаа со членови на Хамас во Кан Јунис во текот на вчерашниот ден за да разговараат за тоа како да ги лоцираат исчезнатите мртви тела на израелските заложници за кои се верува дека се во Рафа. На тимовите на Црвениот крст и на Египет им е дозволено да ги бараат телата на починатите надвор од „жолтата линија“ што го означува повлекувањето на израелската војска во Појасот Газа.
Неколку израелски медиумски страници објавија дека Израел, им дозволил на египетските власти да влезат во Појасот Газа за да помогнат во лоцирањето на телата на заложниците земени како заложници во нападот предводен од Хамас. Тела на 13 лица сè уште се во енклавата.
Ослободените израелски заложници се вратија дома откако беа отпуштени од болница во неделата и беа пречекани од голема толпа луѓе во нивните родни места. Тие беа меѓу 20-те ослободени заложници. Тешка механизација наменета за Газа беше забележана како се движи низ египетскиот град Рафа. Камионите носат помош за Газа според договорот за прекин на огнот.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел ќе одреди на кои странски војници ќе им дозволи да бидат дел од планираните меѓународни сили во Газа. Тој кажа дека ваквиот израелски став е прифатлив и за САД. Администрацијата на Трамп ја исклучи можноста за испраќање американски војници во Газа. Се очекува меѓународните сили во Газа да бидат од Египет, Индонезија и земјите од Персискиот Залив.
Словачка нема да учествува во ниедна програма на Европската Унија насочена кон финансирање на воена помош за Украина во нејзината борба против руската инвазија, изјави премиерот Роберт Фицо. Словачка ја прекина државната воена помош за Украина кога владата на Фицо дојде на власт во 2023 година, но сепак дозволи комерцијална продажба.
Фицо се разликува од државите на Европската Унија во врска со војната, велејќи дека решението не е на бојното поле. Фицо, исто така, ги критикуваше санкциите на ЕУ против Русија за нејзината војна во Украина, велејќи дека тие повеќе ѝ штетат на Европа.
Словачка и Унгарија, двете земји купувачи на руски енергетски резерви, сега се соочуваат со справување со санкциите на САД врз руските нафтени компании Роснефт и Лукоил, кои треба да стапат во сила следниот месец.
-   
   Марјан НиковСите содржини од овој новинар

 
 
 
 
 
 
 
