Loading Video...
Свет
22. October 2025 - 12:17

Преглед на вестите од светот

Руските напади врз Украина во текот на ноќта, насочени кон енергетски објекти, убија две лица и запалија куќи во Киев, соопштија украинските власти утрово. Остатоци од соборено оружје беа расфрлани низ Киев, а пожари имаше во речиси половина од градските области.

Украинските власти изјавија дека нападите, кои траеја поголемиот дел од ноќта и во утринските часови, прво биле извршени со балистички ракети, а потоа следеле напади со беспилотни летала. Од руска страна нема коментар за нападите. Многу работа имаа и пожарникарите и во Запораожје, кои покрај гаснењето на пожарите помагаа и во евакуација на населенито.

Во текот на вќераашниот ден во руските напади беа убиени други четири лица, а стотици илјади оставија без струја, а многумина без вода во украинскиот Чернигов регион. Сепак во вечерните часови напојувањето со електрична енергија беше нормализирано. Напади имаше и во Сумскиот регион при што беа повредени девет лица, а имаше материјални штети и врз станбени објекти.

Литванија го прекина воздушниот сообраќај на аеродромот во Вилнус доцна синоќа поради присуство на десетици балони во нејзиниот воздушен простор, соопшти Националниот центар за управување со кризи. Осум дојдовни летови беа пренасочени, вклучително и кон аеродромот Каунас во Литванија и кон Варшава. Во последните недели зачестија затворања на аеродроми во Европа од безбедносни причини.

Конвој со две тела предадени од палестинската милитантна група Хамас во Газа, за кои се смета дека се на починати заложници, пристигна во израелскиот Национален центар за судска медицина во Тел Авив во вторник вечерта. Хамас ослободи 20 живи заложници и требаше да ослободи 28 починати заложници, но по ослободувањето на двете тела, доколку бидат идентификувани како заложници, Хамас сè уште ќе држи 13.

Американскиот потпретседател Џ.Д. Венс е во Израел и зборуваше за постигнатото примирје меѓу Хамас и Израел. Тој изјави дека верува дека тоа ќе се одржи, а исто така, рече дека САД ќе го „збришат“ Хамас доколку не се разоружа.