Loading Video...
Свет
15. October 2025 - 12:16

Преглед на вестите од светот

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека „голем товар е тргнат од Блискиот Исток“, но оти „работата сè уште не е завршена“. Тој напомена дека: „Телата на мртвите сè уште не се вратени, како што беше ветено. Втората фаза почнува токму сега!“ Првата фаза од неговиот мировен план се однесуваше на клучните барања на двете страни – прекин на огнот во Газа и враќање на заложниците во Израел. Втората фаза предвидува обнова на појасот Газа на начин што би гарантирал траен мир и безбедност.

Трамп додаде дека „фазите на планот се донекаде испреплетени“, но оти „одделни елементи може да се спроведуваат и надвор од редоследот, доколку тоа носи позитивен ефект“.

Израел одлучи денеска да не го отвора граничниот премин Рафа меѓу Појасот Газа и Египет, што е пропишано со договорот за прекин на огнот во Газа, бидејќи палестинската милитантна група Хамас не ја исполни својата обврска да ги врати телата на сите мртви заложници што сè уште ги држи во Појасот Газа, објавува „Тајмс оф Израел“. Израел ќе го намали и износот на помошта што доаѓа во Газа како дел од санкциите против Хамас.

Овие потези доаѓаат откако израелските одбранбени претставници проценија дека Хамас не вложил доволно напори за враќање на преостанатите тела на заложниците. Сепак, израелската војска соопшти дека Црвениот крст ги примил телата на четири заложници од Газа.

Израел ќе дозволи само половина од договорениот број камиони за помош во Газа почнувајќи од среда, што е пречка за надежите дека храната и залихите брзо ќе бидат зголемени за да се ублажи гладот во енклавата.

Украинскиот енергетски оператор Укренегро соопшти дека воведува рестрикции на струја во најмалку осум области поради штетите предизвикани на енергетската инфраструктура од неодамнешните руски напади. Главниот приватен оператор ДТЕК подоцна соопшти дека најавените прекини на струја во Киев се откажани.

Русија последните недели ги засили нападите врз украинската енергетска инфраструктура и железничката мрежа со приближувањето на зимата, што предизвикува стравувања дека, како и претходните години, милиони луѓе би можеле да останат без електрична енергија.

Прекини на струја веќе беа воведени минатата недела низ цела Украина, вклучувајќи и повеќечасовни прекини во делови од главниот град, а одделни региони имаат проблеми исо водоснабдувањето.