Преглед на вестите од светот
Претседателот на САД, Доналд Трамп изјави дека е постигнат „историски успех“ на Блискиот Исток. Тој додаде дека преостанатите заложници треба да бидат ослободени „в понеделник или вторник“.
Нивното враќање е комплициран процес, тие се на места каде што не сакате да бидете, наведе Трамп. Тој најави дека ќе отпатува за Египет, каде официјално ќе го потпише договорот. Претходно, најави и дека ќе го посети Израел.
-Еден договор е веќе е потпишан во мое име, но ќе направиме и официјално потпишување, посочи Трамп.
-Појасот Газа „полека ќе се обновува“, надополни Трамп.
Израелската влада синоќа го одобри договорот со кој Хамас ќе ги ослободи сите 48 преостанати заложници во Газа, соопшти Кабинетот на Нетанјаху, додека тој им се заблагодари на специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, и на Џаред Кушнер, во четврток пред владиниот состанок во Ерусалим.
Тие двајцата го пофалија пристапот на Нетанјаху кон преговорите.
Протераниот лидер на Хамас од Газа, Калил Ал Хаја синоќа изјави дека војната е завршена и дека почнува трајно примирје. Тој наведе дека договорот вклучува: отворање на преминот Рафа во двата правци; ослободување на сите палестински жени и деца од израелските затвори; гаранции од САД, арапските посредници и Турција дека војната во Газа е трајно завршена.
Висок претставник на Хамас, Осама Хамдан во Египет изјави дека „ниту еден Палестинец не прифаќа разоружување“ и оти на Палестинците им е потребно „оружје и отпор“. Неговата изјава е во спротивност со мировниот план на Трамп.
Началникот на Генералштабот на израелската армија Ејал Замир, изјави дека војската ќе ги доврши оперативните мисии на терен и на војниците им порача да бидат внимателни.
Експлозија се слушна во утрово во Газа проследена со црн облак од чад забележан по изгрејсонцето.
Русија се надева дека планот на американскиот претседател Доналд Трамп за завршување на војната во Газа ќе биде успешно спроведен и е подготвена да ги поддржи напорите за запирање на крвопролевањето, изјави претседателот Владимир Путин за време на вториот самит Русија-Централна Азија во Душанбе.
Русија нападна станови и енергетски објекти во Киев оставајќи делови од главниот град на Украина без електрична енергија.
Пожарникарите беа активни во текот на ноќта за гаснење на пожар во станбена зграда и ги евакуираа жителите по она што украинските власти го оценија како голем руски напад врз центарот на Киев рано утрово.
Руските сили се фокусираа на енергетската инфраструктура на Украина во последните недели, во пресрет на зимата.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар